Фото: Игор Бансколиев

Паралелно со релаксирањето на мерките за заштита од ковид-19, во Сојузот на пензионерите се јавија голем број пензионери што сакаат да им се врати правото на три слободни возења во градскиот превоз. Нормално, бидејќи е голем бројот на пензионери ние ја почнавме оваа активност, бидејќи сметаме дека е време и тука да се релаксираат работите, вели Цанка Трајкова, претседателка на Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија

ОЛАБАВУВАЊЕТО НА МЕРКИТЕ НЕ СЕ ОДРАЗИ НА ПОВЛАСТЕНИТЕ ВОЗЕЊА

Откако главниот координативен кризен штаб за ковид-19 ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, почнувајќи од први јуни 2021 година, животот полека почна да се враќа во т.н. претходна состојба. Населбите живнаа, кафулињата и кафеаните се полни со гости, автобусите се преполни со патници, почнаа прославите за свадби, родендени и матури низ земјата и низ Скопје. Сепак, некои од препораките не се укинаа, односно продолжија да важат, иако за тоа официјален став нема од никаде. Пензионерите сѐ уште се без правото на бесплатен автобуски превоз во градот.

ПЕНЗИОНЕРИТЕ БАРААТ ДА ИМ СЕ ВРАТИ БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ ТРИПАТИ ВО НЕДЕЛАТА

Иако во голем дел мерките за заштита од ковид-19 се укинаа, сепак некои од нив останаа да важат и за нив официјален став нема од никаде. Како дел од превенцијата за заштита од коронавирусот, пензионерите првпат останаа без своето право да користат бесплатен автобуски превоз три дена во неделата, минатата година на 11 март. Потоа, во мај повторно бесплатното возење беше воведено, но поради растот на бројката на заболени, истото тоа набрзо беше укинато. Оттогаш, бесплатниот автобуски превоз се укина и пензионерите не го добија ова право назад.
Денес, сѐ уште пензионерите плаќаат за превоз во јавните градски автобуси.
Пензионерите реагираат и бараат повторно да им се врати слободниот превоз во вторник, петок и во сабота. Велат дека им е потребно повторно да се социјализираат, да си ги завршуваат обврските за кои досега беа задолжени блиски членови на нивните семејства.
– Паралелно со релаксирањето на мерките за заштита од ковид-19, во Сојузот на пензионерите се јавија голем број пензионери што сакаат да им се врати правото на три слободни возења во градскиот превоз. Нормално, бидејќи е голем бројот на пензионери ние ја почнавме оваа активност, бидејќи сметаме дека е време и тука да се релаксираат работите – вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија.
Таа вели дека пензионерите треба да можат да излезат од своите домови и да го користат своето право на бесплатен превоз.
– Пензионерите треба да можат да излезат од своите домови за да можат да имаат активности и активно стареење. Овие три бесплатни возења во неделата се важни поради тоа што буџетите на пензионерите не се толку високи. Тоа право треба да им се врати, секако, со придружување до сите мерки и препораки – вели таа.
Трајкова апелира до пензионерите да бидат внимателни, да носат заштитни маски, да користат средства за дезинфекција и да ги почитуваат сите мерки за заштита.
– Очекуваме сите пензионери да се придржуваат до мерките, првенствено за да се заштитат самите, но и другите. Да се користи рационално јавниот превоз, да се користи наменски за извршување на своите работи, бидејќи досега нивните обврски ги извршуваат други – потенцира Трајкова.

НИКОЈ НЕ Е НАДЛЕЖЕН ЗА ВРАЌАЊЕ НА ПОВЛАСТЕНИОТ ПРЕВОЗ

Градските власти велат дека одлуката за тоа дали ќе се врати или не бесплатниот автобуски превоз не е во нивни раце, односно дека тие веднаш ќе го воведат кога за тоа ќе добијат зелено светло од надлежните институции.
– Град Скопје и ЈСП се придржуваат во согласност со одлуките на Владата и препораките на Комисијата за заразни болести. Ние како институција само се придржуваме до овие одлуки и не ги носиме истите тие. Во моментот кога тие ќе ги сменат овие одлуки и препораки, ние ќе ја вратиме во сила одлуката за повластен превоз на возрасни лица – информираат од Градот.
Од Владата, пак, велат дека ова прашање е во ингеренции на градските власти и нѐ упатија одговорот да го бараме кај нив.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, нѐ упати прашањата да ги упатиме до Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство даваат препораки исклучиво поврзани со здравјето на граѓаните, односно препораки за спречување на ширењето на вирусот.
– Оттука МЗ може да препорача со колкав капацитет може да сообраќа јавниот превоз. Не е во надлежност на МЗ да утврдува цена на превоз или бесплатно возење – велат од министерството.

[email protected]