Во пресрет на новата учебна година, Град Скопје со помош од збратимениот град Нирнберг подготви кампања за безбедност во училиштата.
Со цел да се подигне јавната свест кај учениците и да се почитува протоколот за заштита од ковид-19, беа изработени неколку анимации и постери кои на едноставен начин советуваат како најлесно и практично да се заштитат себеси и луѓето околу нив.
Со физичкото присуство за време на наставата најважно е да се почитуваат зададените мерки од јавните медицински институции со цел спречување и ширење на пандемијата што трае веќе втора година, кај нас и во светот.
Одржување дистанца, миење раце и носење маска се основните и најважни мерки што треба секојдневно да се почитуваат за време на училишните часови, но и вон нив, затоа што само заедно и одговорно можеме да се бориме против оваа пандемија.