Балони со ликот на Јуриј Гагарин, во боите на руското знаме, денеска симболично беа пуштени во небото во чест на славниот космонаут, кој пред точно 58 години за првпат ја надлетал Земјата околу својата орбита.
Делегација на амбасадата на Руската Федерација во Македонија, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, како и амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен, положија свежо цвеќе пред неговиот споменик, на истоимената улица, наспроти Министерството за економија, во центарот на Скопје.
-Тешко е да се прецени значењето на овој настан за целото човештво. Подвигот на Јуриј Гагарин не беше само моќен продир во истражувањето на вселената, туку и олицетворение на херојството и самопрегорот на рускиот народ. Летот на „Восток“ означи нова ера во историјата на цивилизацијата, го потврди извонредниот придонес на нашата земја кон светскиот напредок – истакна во својот говор амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин.
На свечената церемонија земаа учество и учениците од основното училиште „Димитар Миладинов“, кои со стихотворба му изразија почит на космонаутот.
– Точно пред 58 години, советскиот космонаут Јуриј Гагарин на вселенскиот брод „Восток-1“ за прв пат во светот ја надлетал Земјата околу нејзината орбита, летот траел 108 минути – истакна амбасадорот Баздникин на церемонијата посветена на Денот на космонаутиката, што е значаен датум посветен на првиот летна човекот во вселената.
Рускиот амбасадор изрази благодарност до сите присутни на овој настан, наедно упати покана за неформалната забава „Ноќта на Јуриј“, која ќе се одржи вечерва во „Скај-бар“ во хотелот „Русија“. Ма.Т.