Студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, или попознат како ФИНКИ, се покажаа како креативни и иновативни умови што се исклучително активни на многу полиња каде што ИТ-секторот зема сѐ поголем замав. Тие даваат инвентивни решенија за проблемите што го мачат Скопје. Некои од проектите во кои тие учествувале се и апликациите „Мој воздух“ и „Паметна автобуска постојка“. Студентите вообичаено ги даваат овие креативни решенија како дипломски трудови. Некои од нив завршуваат и во јавноста и имаат интересно апликативно дејство.
Еден таков проект од малку различна сфера е „Крајм мап оф Маседониа“ или таканаречената „Мапа на криминалот на Македонија“, која ја создал Дамјан Темелковски, скопјанец што во моментов живее во Лондон. Од ФИНКИ велат дека Дамјан Темелковски моментално е истражувачки асистент на Кралскиот колеџ во Лондон, на Факултетот за рак и фармацевтски науки.
Темелковски е првиот студент во државава што создал функционална мапа на криминалот со пример земен од Англија. Вакви слични апликации постојат во Велика Британија, каде што некои луѓе имаат развиено вакви идејни решенија, за системот да го покаже, на пример, најбезбедниот пат за возење велосипед. Системот ги користи податоците од аналитичкиот центар на полицијата, како што се информациите за сообраќајните незгоди, прекршоци, па и сообраќајките каде што страдале велосипедисти. Идејата за „Мапа на криминалот во Македонија“ е слична, целта е да им се овозможи на луѓето да се информирани за потенцијалните опасности што ги демнат во населбите во кои живеат или планираат да живеат. Всушност, целта е граѓаните и корисниците на оваа апликација да соберат што е можно повеќе релевантни информации, заради своја лична безбедност, безбедноста на своето семејство, како и сигурноста на својот движен и недвижен имот. Истовремено, апликацијата овозможува доколку граѓаните забележат дека на одредено место има нешто невообичаено што го нарушува јавниот ред и мир и е потенцијална закана за нив, тие да можат да планираат и да најдат алтернативен пат. Позитивната работа е тоа што системот користи достапни или таканаречени отворени податоци, според тоа секој заинтересиран може да ги види и анализира.
– По примерите на современите полициски служби како „Њујорк полис департмент“, „Лос Анџелес полис департмент“, нашето МВР правеше напори да создаде мапа на криминалот и беа направени доста чекори во таа насока да заживее ваквата идеја.
Беше потребно доразработување на решението. Понатаму, што се случи со иницијативата не сум запознаен. Сепак проектот на студентот Дамјан Темелковски се вклопи со нашите потреби и барања. Сите модерни полициски служби користат ваква алатка, која претставува уште еден начин за поедноставно комуницирање и информирање на јавноста околу реоните и улиците во кои има зачестени појави на одреден криминал. Сметам дека вакви иницијативи се добредојдени – велат експерти од областа на безбедноста.
Инаку, системот работи на таков начин што прикажува настани според локации на мапата на која е прикажана Македонија. За сите настани што се појавуваат има објавено краток опис од МВР. Приватноста е загарантирана со тоа што настаните се лоцирани само по име на улица во градовите, не по број. На ваков начин не може да се знае точно каде се случило нешто и тоа да се злоупотреби. Системот работи на принципот преку автоматски вчитување од веб-страницата на МВР, ги процесира тие податоци и ги прикажува на мапа, велат од ФИНКИ. На тој начин се прикажуваат локациите за сите настани и може да се види колку и каде има нарушувања на јавниот ред и мир, потенцијални опасности за граѓаните, прекршоци, па и криминал.
Секако, од она што можевме да се увериме, апликацијата „Крајм мап оф Маседониа“ претставува многу корисна алатка за граѓаните, поаѓајќи од фактот што таа се однесува на најсуптилната сфера на живеењето денес, безбедноста и сигурноста на граѓаните.