Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ останува на ставот дека е против какви било градежни активности во „Парк шумата Водно“ и по вчерашната средба со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи и претставници на Кабинетот на градоначалникот на Скопје и на ЈКП „паркови и зеленило“ Скопје.
Од иницијативата денеска соопштија дека се против такви активности, особено кога се покажува возможно наоѓањето алтернативни решенија.
Ја поттикнуваат Владата и нејзините надлежни институции да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници.
– Доколку искрено се сака да се изнајде најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на Клиничкиот центар е скорешен и недвојбен пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение по овој пример бараме и за гасоводната траса – се вели во соопштението.
Според граѓанските активисти, позицијата во која е сега оваа Влада во однос на изградбата на гасоводот низ Водно е јасна, односно, како што наведуваат, таа треба да преземе одговорност за лошите проекти на нивните претходници, за тежината на нереализираниот кредит, последиците за кредитниот рејтинг и пресијата на временскиот фактор.
Наведуваат дека по неодамнешното заедничко разгледување на трасата низ Водно се покажале основани нивните тврдења за нејзината должина и импакт наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Анѓушев и претставници на Македонски енергетски ресурси (МЕР).
Потсетуваат и на нивното тврдење дека од потегот од девет километри низ Водно над четири километри минуваат низ шума која ќе биде уништена, наспроти, како што велат, информацијата со која располагале Анѓушев и МЕР тој потег не е подолг од 600 до илјада метри.
Го поздравуваат обидот за ублажување на импактот којшто го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа, според нив, не ја менува суштината дека предвидената траса сė уште останува да води низ заштитено подрачје Парк шума Водно и ќе уништи не само потег од два километра густа децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број видови од кои некои ендемски и загрозени.
– Задоволни сме што сите заедно можевме да се увериме, но и да го убедиме Анѓушев за штетата што овој дел од гасоводот ќе ја предизвика врз Водно. Но, во истовреме, длабоко сме разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата сė уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатерална штета за спроведување на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово. Редно е да се стави крај на поддршката на неумесни и избрзани решенија и тие да се протнуваат во нашата иднина оправдувајќи економска добивка -се вели во соопштението.
Пред една недела увид во новата траса за гасоводот на Водно која ја предложи МЕР извршија вицепремиерот Анѓушев, директорот на МЕР Реџепи и претставници на иницијативата „Го сакам Водно“.
Анѓушев тогаш изјави дека се уверил оти критиките и барањата на иницијативата „Го сакам Водно“ се делумно оправдани. Со предлогот на нова траса за изградба на гасоводот изготвен од МЕР, наведе Анѓушев, максимално се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките кои веќе постојат, со што за околу 70 проценти ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење.
– Владата и МЕР прават максимални напори да започне изградбата на делницата, а доколку се пролонгира за дополнителни 2, 3 или 5 години, многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, што значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена, отколку за изградбата на гасоводот – изјави Анѓушев.