Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во периодот од 16 до 19 јули ќе спроведе акција за собирање кабаст отпад во општината Чаир. Законот за јавната чистота наложува кабастиот отпад да се остава во специјалните садови само во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.
Несовесно исфрлање кабаст отпад на јавни површини може да резултира со создавање диви депонии и загадување на животната средина, велат од „Комунална хигиена“.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје собраниот отпад од садовите ќе го транспортираат во вечерните часови. За таа цел, на четири локации во оваа скопска општина претпријатието ќе постави специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во кои граѓаните ќе може да ги фрлат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема.
Контејнерите наменети за фрлање на кабастиот отпад во општината Чаир ќе бидат поставени на следните локации: раскрсницата меѓу улиците Дижонска и Џон Кенеди; раскрсницата меѓу булеварот Цветан Димов и улицата Коста Абрашевиќ; улицата Серава во близината на „Евтинија импекс“ и улицата Ресенска во близината на ресторанот „Фафа“.