Акцијата за исплата на долговите без камата за задоцнето плаќање, за физички и правни лица, е во тек и истата завршува на 15.12.2020. Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг да ја искористат можноста за исплата на истиот без камата.
Имајќи ја предвид социјално-економската состојба како резултат на пандемијата, ЈП Водовод и канализација – Скопје повторно излегува во пресрет на потребите на граѓаните. Имено, секој работен ден од 8 до 14 часот, граѓаните можат да се обратат во Секторот за наплата, за исплата на долговите до 24 месечни рати во зависност од висината на долгот.
Процесот за наплата во ЈП Водовод и канализација – Скопје се одвива непречено со почитуваање на сите протоколи, со цел заштита од ширењето на корона вирусот. Сите корисници кои доаѓаат во просториите на претпријатието треба да го одржуваат редот на чекање за влез, притоа почитувајќи го определеното растојание. При влез, задолжително е носење на заштитна маска, а пред влез на секој клиент ќе му се мери телесната температура. При влегување и излегување од просториите на претпријатието задолжителна е и дезинфекција на рацете. Бројот на корисници кои влегуваат во просториите на претпријатието е ограничен, согласно одредените протоколи за заштита.
Со цел заштита на корисниците и вработените, во ЈП Водовод и канализација – Скопје, секојдневно се врши зачестена дезинфекција на просторот.