Во план е булеварот Џон Кенеди да се пробива низ ромската населба во Чаир, за да се спои со булеварот Никола Карев, или познатата Пластичарска улица, на крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада (во близината на Амбасадата на САД), информираат градските власти

ДАЛИ ЌЕ СЕ РЕШАТ СООБРАЌАЈНИОТ ГРЧ, МЕТЕЖОТ И ДЕПОНИИТЕ ВО ЧАИР

Жителите на главниот град што живеат во северниот дел на Скопје ќе добијат засилен сообраќаен проток и надеж за исчезнување на застоите со пробивање нова, клучна улица. Имено, на минатата седница на советот на Град Скопје беше донесена одлука за продолжување на булеварот Џон Кенеди во општината Чаир, од улицата Македонско Косовска бригада до булеварот Никола Карев. Со овој проект ќе се растовари сообраќајниот метеж, кој досега беше еден од најголемите проблеми во овој дел од градот.

СЕ РЕШАВА ДОЛГОГОДИШЕН ПРОБЛЕМ НА ЖИТЕЛИТЕ НА ЧАИР

Доколку некогаш сте се нашле на оваа локација во општината Чаир, тогаш знаете дека досега најголемиот проблем беше тоа што булеварот Џон Кенеди кон Ромското Маало се стеснуваше и стануваше тесна и мала уличка, која тешко можеше да одговори на сообраќајните проблеми на жителите и на оние што ја користат оваа траса. Оваа уличка всушност е близу Пластичарската улица, а со тоа е и во близината на Бит-пазар и централното градско подрачје од едната страна и Кејот на Вардар и Градскиот парк од другата страна. Поради тие причини таа е наголемо користена не само од жителите на Чаир и Бутел туку и од другите жители на Скопје што се обидуваат да го избегнат познатиот битпазарски сообраќаен метеж.
– Во минатото оваа улица не се користеше толку, меѓутоа изминатиот период фреквенцијата е доста зголемена. Најверојатно граѓаните се обидуваат да ги избегнат Бит-пазар и тамошниот метеж, па се упатуваат тука, каде што исто така владее хаос. Буквално врие од возила. За велосипедисти и пешаци воопшто нема место, едноставно локацијата е таква што нема капацитет да одговори на потребите на сите – вели Владимир, кој живее во непосредна близина на оваа локација.
Според него, освен што ќе се среди проблемот со сообраќајот и ќе се изградат и велосипедски патеки, ќе се реши и проблемот со ѓубрето што го фрлаат некои од тамошните жители, бидејќи иако локацијата се користи од возачите, не се користи воопшто од пешаците и важи за едно од местата во Скопје што е подзафрлено.
– Искрено, се радувам на овој проект исклучиво заради тоа што нема да има закочен сообраќај, но и нема да имаме проблем со ѓубре, кое некои несовесни жители го фрлаат токму тука, на самиот агол на крстосницата – вели тој.

ЗА ПРОБИВАЊЕТО НА УЛИЦАТА ЌЕ СЕ УРИВААТ КУЌИ

Советот на Град Скопје ќе го реализира овој проект со меѓуопштинска соработка помеѓу градската власт и општините Чаир и Карпош.
– Во план е Џон Кенеди да се пробива низ ромската населба во Чаир, за да се спои со булеварот Никола Карев, или познатата Пластичарска улица, на крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада (во близината на Амбасадата на САД) – информираат градските власти.
За изградбата на улицата ќе биде потребно да се урнат неколку куќи, за што градот ќе им плати обесштетување на сопствениците.
– Во план е оваа улица да биде со четири коловозни ленти, по две во двата правци, а повеќето детали ќе се знаат по изработката на соодветните проекти – велат од Градот.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за пробивањето и изградбата на оваа улица истакна дека тоа е дел од визијата и коридорите што се градат во северниот дел на градот, за да се овозможи побрз проток на сообраќајот за пократко време на патување.
– Овој дел од Скопје со години бил запоставуван. Во моментов го прошируваме булеварот Никола Карев, работиме на улицата Македонско-косовска бригада и очекувам годинава да завршиме со проектирање на новата улица и в година да стартуваат градежните работи. Со тоа ќе заокружиме една целина во овој дел, кој со години е тесно грло – нагласи Шилегов.

[email protected]