Советот на Град Скопје денеска на седница треба да донесе одлука за определување максимален износ за доделување субвенции на граѓаните за купување велосипеди.
Во буџетот на Град Скопје за 2018 година за оваа намена има предвидено 10 милиони денари, а целта на мерката е стимулирање на граѓаните за помасовно користење на велосипедот како превозно средство.
Минатата година Град Скопје првпат додели субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди и за оваа намена беа потрошени 10 милиони денари. Согласно условите, минатата година беа субвенционирани средства во висина од 50 отсто од цената на велосипедот, но не над 4.000 денари по лице. Интересот за јавниот повик беше голем, сите средства беа искористени и беа доделени субвенции на повеќе од 2.600 граѓани.
Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во Град Скопје, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.
Денеска Советот на Град Скопје ќе расправа по повеќе точки меѓу кои Предлог одлука за примање донација линиски инфраструктурен објект – пешачки мост на река Вардар, како и предлог одлука за воспоставување соработка меѓу Град Скопје и Општина Центар за финансиско учество за реконструкција на крак од улицата Самоилова.