Средните училишта во Скопје ќе добијат прочистувачи на воздух од Градот Скопје. Денеска почнаа да се поставуваат во СУГС „Орце Николов“. Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави дека ќе бидат поставени вкупно 572 прочистувачи на воздух, односно сите 23 училишта ќе добијат прочистувач на воздух во секоја училница.
-Од денеска па натаму, учениците ќе поминуваат барем една третина од денот во простории со прочистен воздух, особено важно во денови на зголемено загадување на воздухот во градот. Вредноста на прочистувачите е околу 11 милиони денари – рече Шилегов.
Додаде дека нивна должност е да се грижат за здравјето и квалитетот на живеење на сите сограѓани и оти имаат обврска да создаваат услови за здраво живеење, да ги намалуваат ризиците по здравјето на граѓаните, да овозможат што поздрава животна средина за сите вклучително и за младата популација.
– Ученичката популација е движечка сила на општеството и на нашиот град и секој чекор вложен во нив е директен влог во иднината – нагласи Шилегов.
Тој додаде дека поради фактот што ученичката популација е значајна за Град Скопје оваа година се реконструирани 11 средни училишта и тие добиле енергетски ефикасни фасади, а во преостанатите училишта била извршена санација на санитарните јазли, подови, врати, електрика и греење онаму каде што било потребно. За овие интервенции Градот од Буџетот издвои 60 милиони денари.
-Сите ученици од средните училишта на Град Скопје од септември оваа година добија бесплатен автобуски превоз. Односно, покрај 20.000 ученици кои добивале бесплатни билети, од почетокот на оваа учебна година, бројот го зголемивме за дополнителни 2000 ученици. Првпат годинава доделивме вкупно 100 стипендии на ученици од средните училишта на Градот во висина од 3.000 денари месечно, за осум месеци – рече Шилегов.
Исто така, како што наведе тој, градот годинава започна и со адаптација на училиштата за лицата со телесна попреченост. Од летниот период до сега, направени се тоалети за лица со посебни потреби во седум средни училишта (Панче Караѓозов, Јосип Броз Тито, Зеф Љуш Марку, Ѓорѓи Димитров, Кочо Рацин, Боро Петрушевски и Лазар Танев), а во тек е изработка на ваков тоалет во СУГС „Браќа Миладиновци“.
-Покрај тоалетите, во секое училиште каде што постоеше соодветен простор, се обележаа паркинг места за лица со посебни потреби. Адаптацијата на училиштата се одвива развојно, така што и во преостанатите училишта се работи на процедурите за адаптација на пристапноста. Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење. Оваа категорија на наши сограѓани безусловно мора да ужива еднакви права. Наша обврска е да им го олесниме секојдневното живеење – рече Шилегов.
Градот Скопје во 2018 година, во соработка со АВРМ и УНДП работно ангажираше вкупно 17 образовни асистенти во девет средни училишта кои работат со учениците со посебни образовни потреби. Овие асистенти се припадници на некоја од социјално ранливите групи на население, вклучително и приматели на социјална помош.
-Нашите деца заслужуваат да учат во подобри услови. Затоа инвестираме во секој сегмент од нивното образование, создаваме можност за непречено функционирање во училишниот систем и унапредување на квалитетот на образовниот процес – истакна Шилегов.