Екипите на Град Скопје во соработка со општествено одговорни компании веќе два дена темелно ги отстрануваат остатоците од дивата населба под скопското Кале, која почна да се расчистува во големата акција на администрацијата за чистење на градот во текот на минатиот месец. Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави засилени инспекции и казни за сопствениците на приватни имоти кои ќе дозволат на нив да се создаваат диви населби и депонии.
– На ова место со децении наназад имаше дива населба во која живееја бездомни лица, а која беше претрупана со отпад и беше извор на аерозагадување. Во текот на овој месец успеавме да не дозволиме на ова место повторно да се населат бездомни лица кои се згрижени во капацитетите на Министерството за труд и социјална политика. Од вчера заедно со општествено одговорните градежни фирми кои соработуваат со Градот Скопје, на моја молба, започна целосно и темелно расчистување на оваа локација. Досега, во текот на овие два дена имаме подигнато над 500 кубни метри смет. Јас очекувам дека во наредните десетина дена ќе завршиме со расчистување на овој терен. Интересно е што ова место што го чистиме е всушност приватна сопственост и целиот овој потег на левата страна на Вардар, почнувајќи од хотелот „Александар палас“ па се до мостот „Гоце Делчев“, е поранешно државно земјиште коешто е продадено на приватни физички и правни лица. Ова е последен пат Градот Скопје овде да интервенира. Откако ќе ја доведеме состојбата во ред, ќе ги задолжиме сопствениците на одржување и ќе бидеме ригорозни во изрекување казни ако не ја одржуваат сопственоста чиста. Сите сопственици се писмено известени, а ја користам и оваа можност јавно да ги известам, за да немаме недоразбирања. Навистина не мислам дека треба да правиме компромис, доколку некој го купил ова земјиште тој треба да го одржува и да не дозволува на него да се случуваат вакви работи – рече Шилегов.
Тој упати благодарност до сите општествено одговорни компании кои се вклучија во оваа акција за расчистување и изрази уверување дека сликите кои ги гледавме во минатото повеќе во овој град нема да се повторуваат.