Општината Центар повторно го продолжи мораториумот на градби на својата територија. Советниците вчера ги усвоија измените и дополнувањата на блoкот 9 од деталниот урбанистички план градска четврт Ј 07 – локалитети Капиштец, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.
– Блокот 24, кој исто беше предложен за измени и дополнувања, но поради низа неправилности, меѓу кои и зголемениот број на жители и возила, станбени објекти, како и потребата од повеќе зеленило, по предлог од градоначалникот Саша Богдановиќ, со 23 гласа за и 1 воздржан, се донесе одлука за недонесување на измените и дополнувањата на блокот 24. Со донесувањето на измените и дополнувањата на овие 2 блока, кои се наоѓаат во близината на новото училиште во Капиштец, ќе се овозможи непречено и безбедно функционирање на околните јавни објекти и ќе им го олесни движењето на учениците и пешаците, а и на овој начин ќе се направи усогласување со генералниот урбанистички план додека не се донесат измените и дополнувањата, нема да се гради на територијата на блокот 24 од ДУП-от градска четврт Ј 07- соопштуваат од Центар.
На седницата со 14 гласа за и 6 против по четврти пат е продолжена одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, односно мораториумот за градби на територија на општината. Со донесувањето на оваа одлука, општината прави чекор кон подобрување на животната средина и овозможување похумани и нормални услови за живеење на жителите на Центар.
Покрај продолжувањето на мораториумот за градби, на седницата советниците ги усвоија и програмата за реконструкција и санација на градинки и основни училишта, одлуката за објавување конкурс за сценска уметност, како и одлука за прифаќање донација за урбана опрема од Амбасадата на Република Словенија во Македонија.