Токсичните материи што за пет минути може да убијат куче од над 30 килограми, фатални би биле и за дете, дури само тоа и да вдиши од отровот. Од „Анима мунди“ бараат истраги, агилна и подготвена полицијата што ќе им ја гарантира безбедноста на граѓаните и на животните. Родителите, пак, бараат безбедни средини за своите деца
Расфрлањето смртоносни отрови за кучиња во Аеродром, Ново Лисиче, но и во други градови во државава на нозе ги крена здруженијата за заштита на животните, а од случката највознемирени се родителите што имаат мали деца. Токсичните материи што за пет минути може да убијат куче од над 30 килограми, фатални би биле и за дете, дури само тоа и да вдиши од отровот. А тој како и кучешкиот измет е близу децата, во истите паркови и шеталишта каде што, за жал, се носат и животните и децата. И не само таму, кучиња уринираат и во дворовите на градинките, повторно таму каде што се децата.
Случката со труењето кучиња во Скопје ги натера невладините организации за заштита на животните овој пат да реагираат пожестоко. Од „Анима мунди“ велат дека улиците и парковите, личат на хорор-филм, а полиција, комунални редари, задолжени и одговорни институции како да нема никаде. Сите укажувања градот ги игнорира, сите молчат за загадените паркови и тротоари од кучешки измет. Кој им е мотивот на оние што расфрлаат неконтролирано отров, не водејќи грижа за тоа дека може да настрада и човечко суштество, тешко може да се дознае. Претпоставка е дека тоа сега се прави поради неколкуте инциденти кога кучиња нападнале луѓе. Во билтените на МВР имаат пријавувања за такви појави речиси по две дневно.
– Бараме истраги, бараме агилна и подготвена полицијата што ќе им ја гарантира безбедноста на граѓаните и на животните, а не нестручен кадар што не мрда со прст. Бараме општинската администрација да спроведува најсериозни комунални контроли, комунални редари, ако треба и на секој чекор. Бараме итна меѓуинституционална координација и постапување во согласност со законските овластувања на МВР и на АХВ, градоначалниците, општините со комуналните служби. Бараме сериозни истраги, патроли, како и воспоставување трајна законска забрана за слободната продажба на отровни материи, кои се закана по животот и безбедноста на сите, луѓето и животните. Бараме да се фати трујач и да одговара. Посочуваме, отровите се поставуваат во близината на маркети, детски игралишта и паркови, влезови, кафулиња и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот – велат од здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство појаснуваат дека немаат надлежност за контрола на оставањето отров на јавни површини, кое има цел убивање на бездомните животни.
– Станува збор за тешко кривично дело предизвикување општа опасност, кое е дефинирано во Кривичниот законик и кое претставува сериозна опасност и може да ги загрози животот и здравјето и на луѓето и на животните – велат од АХВ.
Од општината Аеродром, пак, постапиле по дојавите од граѓаните, односно по нив инспекторите излегле на терен за да ги спречат ваквите случувања.
– Општината Аеродром, по добиени информации и сознанија од граѓани, во повеќе наврати апелираше до граѓаните да не поставуваат опасни материи на јавни површини и да не расфрлаат отров, бидејќи им го загрозуваат животот на домашните миленици, уличните животни и на децата што играат во парковите. По дојавите, инспекциските служби на општината Аеродром, во соработка со полициската станица „Аеродром“, излегуваат на терен, а сезонските работници го пребаруваат секој сомнителен реон.
Во постојана комуникација сме и со ЈП „Комунална хигиена“ во врска со уличните кучиња и со здруженијата за заштитата на животни – појаснуваат од општината Аеродром.
Граѓаните, пак, се конкретни дека не смее да се дозволува и натаму отров и токсични материи да бидат близу децата, како што не смее повеќе да се толерира и оставањето на кучешкиот измет по парковите. Малкумина од сопствениците на кучињата се однесуваат така како што наложува законот, да го соберат изметот од своето куче и да го фрлаат во обележана канта за кучешки измет. За жал, повеќебројни се арогантните и некултурни сопственици на кучиња што не го собираат изметот. Тие дури и физички се закануваат кон оние што им обрнуваат внимание на законската должност да го соберат изметот од своето милениче.
– Фрлањето отрови може има различни аспекти, од лични, емотивни до пошироко психолошки. Ваквата несреденост е резултат на тоа што ова прашање не е решено во државата, но, секако, не е на граѓаните да го решаваат, бидејќи тие од џеб им плаќаат на надлежните служби, а за тоа не ја добиваат услугата за која платиле.
Ова со кучињата миленици навистина не функционира како што треба. Има сопственици што оптимално функционираат и си носат ракавици, лопатче и ќесе за да го соберат изметот на своите миленици, но повеќето не се такви. Луѓето не реагираат, ако не се лично засегнати – вели психологот Мирјана Стојановска Јовановска.