Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница едногласно одлучи да не поведе постапка за поднесените претставки за оценка на уставноста и законитоста на ДУП И10 во Општина Аеродром.
Постапката за донесување на ДУП, според Уставен, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Уставните судии укажа дека тие ја ценат постапката, а не содржината на планови или нивна усогласеност со други планови. Од апект на Судот, ДУП И10 е согласно закон и Устав.
Претставката до Уставен за ДУП-от ја поднеле 12 физички и правни лица во 2017 година.
ДУП И10 во Општина Аеродром ја опфаќа локацијата кај Мајчин дом каде што треба да се гради деветкатна станбена зграда, на што реагираа локалните жители кои организираа и протести. По реакциите на јавноста, Општина Аеродром издаде 15-дневна времена забрана за изведување на градежните работи.
Од Општината претходно соопштија дека ги имаат доставено сите потребни документи и оти понатаму ќе постапува согласно одлуката на судот.
– Претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, го донeсе ДУП И10 тајно и без дебата и директно ја овозможи изградбата на зградата кај Мајчин дом. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои пред само една година го изгласаа спорниот ДУП, на 15-та седница на Советот на Општина Аеродром побараа негова ревизија и мораториум, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.
Оттаму посочуваат дека Општината, како што на неколку наврати најави градоначалникот Златко Марин, веќе работи на интерна ревизија на ДУП И10.
– Во рамките на овој процес Општината ги прегледа и достави до Уставниот суд сите потребни документи поврзани со овој случај. Општинската администрација до Советот ќе достави писмен извештај за сработеното – додаваат од Општината.
Во однос на мораториумот за градење, Општина Аеродром останува на ставот дека тој воопшто нема да го реши проблемот, туку само дополнително ќе ја искомпликува целата состојба.
-На сметка на ова Опшината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркицата за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во Општината – се наведува во соопштението од Општина Аеродром.