Дека паркирањето е огромен проблем за градските и за локалните власти и дека жителите на метрополата имаат мошне ниско ниво на сообраќајна култура, говорат и големиот број неделни извештаи на општините и на градот за големиот број санкционирани возила што биле непрописно паркирани

Можеби еден од најголемите проблеми за градот и општините во Скопје е непрописното паркирање на возачите. Социјалните мрежи се преполни со поплаки, а воопшто не е мал бројот и на подигнати возила од несоодветните места од пајак-службите. Таква е сликата насекаде, а откако во мај беше пуштен во употреба новоизградениот булевар Босна и Херцеговина, тротоарот што води кон крстосницата со булеварот Христијан Тодоровски-Карпош е „паркинг-станица“ за многумина.

НОВ БУЛЕВАР – СТАРИ ПРОБЛЕМИ

Чаирчани и бутелчани, кои најчесто шетаат по должината на новоизградениот булевар Босна и Херцеговина, сведочат за брутално узурпирање на тротоарот од страна на несовесни возачи.
Велат дека од едната страна тротоарот е направен со широка пешачка и велосипедска патека, но од другата страна, која всушност припаѓа на населбата Бутел 2, тротоарот е сервисен, помал, но сепак одличен за прошетки, доколку истиот тој не се користи од несовесни возачи за паркирање.
Иако тротоарите и самиот булевар во употреба се пуштени нешто повеќе од три месеци, возачите успеаја од улицата и од пешачката зона да направат паркиралиште.
– Јас сум мајка на две мали деца, кои редовно ги шетам на овој потег од населбата. Бидејќи не преминуваме улица, најчесто правиме круг токму на тротоарот на новоизградениот булевар и доста често сме принудени да се симнеме по улицата, бидејќи нема место за да поминеме на тротоарот. Барем во нашава населба има премногу слободни паркинг-простори, не знам зошто некој упорно паркира на места крајно несоодветни за тоа. Јас со две мали деца, едното во количка, другото за рака, морам да се движам по улица, бидејќи целиот тротоар е узурпиран од паркирани возила – вели Фросина Михајловска.
Доста голем проблем е и тоа што жителите на оваа населба вадат дел од бекатон-плочките и ги поставуваат до тротоарот на улицата, за да си прават диви влезови во населбата, бидејќи рабниците од тротоарите се високи и е невозможно да се качи автомобил.
– Уништуваат нешто што е ново направено, нешто што треба да е убаво и да ни служи со години на сите. Намерно се извадени бекатон-плочките и ставени се на улицата за да влезат преку тротоарот во Бутел 2. Да не го споменувам ѓубрето нафрлено по должината на тротоарот. Средишниот дел од булеварот е прекрасно уреден и среден, зеленилото постојано се средува и наводнува, но каде што се движат граѓаните е вистинска депонија. Има секакво ѓубре, почнувајќи од памперс од мали деца, па сѐ до измет од кучиња, шишиња, марамчиња, па и картонски кутии – вели таа.

НИСКО НИВО НА СООБРАЌАЈНА КУЛТУРА ВО СКОПЈЕ

Градските власти апелираат до граѓаните да ги пријавуваат несоодветно паркираните возила.
– На конкретниот потег не е возможно да се постават сообраќајни улични столпчиња бидејќи од тука дел од индивидуалните објекти го користат како пристап до нивните домови.
Апелираме до граѓаните доколку забележат несоодветно паркирање на тротоарот истото тоа да го пријават до Инспекторатот на Град Скопје, Општина Бутел или МВР – информираат од Град Скопје.
Дека паркирањето е огромен проблем за градските и за локалните власти и дека жителите на метрополата имаат мошне ниско ниво на сообраќајна култура, говорат и големиот број неделни извештаи на општините и на градот за големиот број санкционирани возила што биле непрописно паркирани.
– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција – Скопје санкционираа 161 непрописно паркирано возило што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Во периодот од 6.9. до 12.9.2021 година, со помош на специјалните возила пајак на ЈП ПОЦ се отстранети 88 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичкото средство блокатор се санкционирани 73 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници резиденти на секторот во кој биле паркирани. За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР-Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општината Центар, со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот – информираат од Општина Центар.

[email protected]