Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нашите занаетчии заминуваат во Германија, Хрватска, Словенија, Австрија, секаде каде што се повеќе платени и можат повеќе да заработат отколку тука. Од таа причина граѓаните не можат да најдат електричари да им инсталираат струја во куќите што ги градат, тешко се наоѓа мајстор ако им се расипат машината за перење, машината за садови или фрижидерот, а уште потешко водоинсталатер или плочкар за
реновирање бања

Занаетчиите заминуваат од земјава барајќи поголема заработка во странски земји

Германија веќе подолго време е во потрага на занаетчии, кои од ден на ден сѐ повеќе ѝ недостигаат. Ваквата информација претставува вистинска мамка за нашите занаетчии, кои поради поголема заработувачка заминуваат не само во Германија туку и во Хрватска, Словенија, Австрија, секаде каде што се повеќе платени и можат повеќе да заработат отколку тука. Од таа причина нашите граѓани се најдоа во ситуација да не можат да најдат електричари да им инсталираат струја во куќите што ги градат, велат дека тешко се наоѓа мајстор ако им се расипат машината за перење, машината за садови или фрижидерот, а уште потешко водоинсталатер или плочкар за реновирање бања.
Повозрасните и многу искусни занаетчии, мајстори во својот занает, велат дека за нив има работа и дека и овде се добро платени, но повеќето се пред пензионирање, а млади нема, бидејќи се заминати за повеќе пари. Некои од занаетчиите со кои исконтактиравме велат дека се потребни промени во образованието и стимулирање на децата да изучуваат занаети, да поминуваат пракса.
– Мајсторите од државава се заминати во странство, тешко е денеска да се најдат водоинсталатер, електричар, плочкар… Некои се преориентираа да работат нешто друго, а повеќето помлади заминуваат од земјава за поголема заработка и, како што сум информиран, имаат месечна заработувачка од по 3.000 евра со сместување.

Претежно одат во Германија, Хрватска, Словенија, а еве сега и Бугарите бараат занаетчии и плаќаат повеќе, затоа што нивните, пак, заминуваат да работат по земјите од Европската Унија. Ако си добар мајстор и овде може добро да се заработи, од 1.500 до 2.000 евра месечно, има работа, кој сака да работи. Но не останаа мајстори, нема кој машина за перење да поправи, еве, ме молат, не можам да стигнам од работа. Сега слушам од Занаетчиската комора имале некакви разговори да се вршат обуки. Возрасните мајстори си отидоа во пензија, а младите заминуваат главно поради политичката несигурност и примањата. Во мое време техничките училишта беа поткрепени со пракса, на времето завршив Техничка академија во Загреб. Сега бравар не можете да најдете, нема машиностругари, електричари, водоинсталатери, нема плочкари бања да ви направат. Сега техниката на инсталирањето цевки е поинаква и само за работна рака бараат по 150 евра – објаснува Борис Велковски, електричар пред пензија.
И негови колеги електричари потврдуваат дека сѐ помалку мајстори има во земјава од повеќето занаети што се барани и граѓаните од нив имаат потреба.
– Нема овде мајстори, само лаици останаа, младите се научија само на брза заработка, нема повеќе школувани мајстори со стаж. Учат нешто, но немаат пракса и секој сака брзо да дојде до пари, не знам дали одат надвор да заработат, но знам дека сѐ помалку нѐ има. Јас сум школуван мајстор и малкумина останавме од старата генерација мајстори, кои си ја знаат работата – вели електричарот Борче Стојановски.
Други, пак, мислат дека треба да се почне од образовниот процес да се стимулираат и создаваат занаетчии, за еден ден сосема да не ги снема.

– Занаетчиите заминуваат, за подобра заработка одат во Австрија, Германија и знам дека заминуваат водоинсталатери, гипсари, електричари, иако и овде има работа и се барани, има недостиг од нив, но бараат да заработат многу повеќе пари од овде. Проблемот е во тоа што нема ученици во техничките школи, сите ги прават менаџери и директори, а занаетчиите се во изумирање. Затоа треба да се почне од почеток, од образованието, да се примамат децата и да се стимулираат да се школуваат, а потоа и да им се помогне од страна на државата да отворат фирми, не само да се наплаќаат даноци од фирмите. Малите и средните претпријатија се тие што генерираат 80 отсто од приходите во земјава и затоа занаетчиството треба да се стимулира и поддржува – вели Александар Филиповски, управител на приватна фирма за одржување и сервисирање.
Од Занаетчиската комора велат дека од земјава заминуваат занаетчии од сите сектори, започнувајќи од секторот лични услуги: фризер, козметичар, маникир-педикир, бравари, водоинсталатери, плочкари и многу други занаети, кои се побарувани на пазарот во европските земји.

– Занаетчиската комора во Скопје предупредуваше дека ќе се случи огромен дефицит на работна сила и тоа се случи за многу кратко време. Фактот дека сѐ помалку може да се најдат мајстори во одреден занаети е поради малиот број ученици во средното стручно образование. Многу мал број деца избираат да го продолжат средното стручно образование и да изучат занает. Завршуваат гимназии, високо образование и на крајот се враќаат на преквалификација и завршуваат кратки обуки за да вршат занаетчиска дејност. Средното стручно образование е вистинскиот избор за младите лица, затоа што имаат можност за практична обука кај работодавач каде што се стекнуваат со вештини и компетенции и можности за директно вработување, но треба да се поткрене свеста за важноста на средното стручно образование, како генератор на стручен кадар што е неопходен за здрава и силна економија – вели Анета Атанасовска, директорка на Занаетчиската комора во Скопје.


АВРСМ ќе реализира обуки за побарувани занимања

Од Агенцијата за вработување велат дека нивните активности се насочени кон успешно поврзување на понудата и побарувачката на работната сила, преку зголемување на капацитетите за вработување на невработените лица, со цел нивна успешна интеграција на пазарот на трудот. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Владата, ги имплементираат активните програми и мерки за вработување во согласност со годишниот Оперативни план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.
Потенцираат дека со Оперативниот план се утврдени програмите, мерките и услугите за вработување, кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица. Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година е во тек и во него се предвидени обуки што имаат цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на трудот.
Оваа година тие може да учествуваат во обуките: обука на работно место за познат работодавач, обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, стручни обуки според барање на работодавачите, онлајн обуки за вештини според барање на работодавачите, обуки за побарувани занимања, обуки за возачи за Ц и Д-категорија и обуки за развој на дигитални вештини.

Обуките за побарувани занимања ги опфаќаат оние занимања што се барани на пазарот на трудот и се спроведуваат од страна на спроведувачи на обука верификувани од Министерство за образование и наука, кои претходно имаат верификувана програма за обука од страна на Центарот за образование на возрасните.
– Обуките се спроведуваат во времетраење од три месеци, по што кандидатите полагаат завршен испит и се стекнуваат со сертификат пропишан од МОН. Опфатот за оваа мерка годинава изнесува 400 невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, од кои 200 корисници на гарантирана минимална помош. Јавниот оглас за овие обуки сѐ уште не е објавен и ќе следува во наредниот период. Истиот тој ќе биде јавно објавен во печатените медиуми и на веб-страницата на АВРСМ www.av.gov.mk. Минатата година преку обуките за побарувани занимања невработените лица имаа можност да се стекнат со знаења за следните занимања: декоративен маникир, изработувач на слаткарски производи, козметичар за нега на лице и тело, личен асистент на лица со попреченост, оператор за веб-дизајн, производител на леб, бурек и бели печива, ракувач на виљушкар, службеник во книговодство/сметководство, автомеханичар за одржување и поправка на моторни возила, готвач гастроном основно ниво, готвач гастроном напредно ниво, масер, фризер за жени, бравар заварувач, гасомонтер заварувач – објаснуваат од Агенцијата за вработување.