Фотографијата споделена на социјалните мрежи, на која се гледа како во двокатен автобус на јавното сообраќајно претпријатие двајца контролори со нозе тепаат патник, ги шокира граѓаните. Завчера, пак, возач остро се нафрлил на жена патник. Ученичките пресметки во авто-бусите не престануваат. Ваквите зачестени инциденти и недоличното однесување на вработените во ЈСП ги вознемири и ги револтира граѓаните. Тие и во текот на вчерашниот ден не престанаа со дебатите, не само за завчерашното туку и воопшто, за недоличното однесување на контролорите и на возачите во автобусите веќе подолг период наназад. Се прашуваат дали некој ги санкционира ваквите вработени, бидејќи случките постојано се намножуваат. Од ЈСП „Скопје“ велат случајот го презеле од МВР и додаваат оти е извесно дека ќе има и судска разврска. Тврдат дека во меѓувреме Комисијата за дисциплински постапки во рамките на ЈСП треба да утврди дали ќе поведе дисциплинска постапка против контролорите. Според исказите на нивните контролори, патникот физички го нападнал едниот, а другиот контролор притрчал во одбрана.
Граѓаните што секојдневно користат јавен градски превоз сведочат за тоа колку некои контролори се дрски кон патниците, кои се возат без билет или, пак, ги затекнале дека не се валидирале. Наместо да им пишат само казна, велат дека тие многупати предизвикуваат, најпрвин вербални расправии, кои потоа многу лесно можат да се вжештат и да се претворат и во физички пресметки. Но не само од контролорите, граѓаните имаат поплаки и од возачите, кои токму во деновите кога има голем сообраќаен метеж, застануваат на некои од автобуските станици, но не ги отвораат вратите за патниците. Оние што секојдневно користат јавен превоз велат дека се дрски и возачи во приватните автобуси, кои дури и по реакции од патници си продолжуваат да си пушат цигари додека возат и ги трујат луѓето во автобусот. Ова го прават со години и никој не ги санкционира. Не може да не се каже дека има случаи кога и патниците се дрски кон вработените на ЈСП, но тоа не е причина патникот физички да биде нападнат.
– Навистина некако зачестија ваквите инциденти во градските автобуси, каде што вработените на ЈСП било да се тоа контролори или возачи недолично се однесуваат. Тие не смеат да си дозволат физички да напаѓаат патници, ниту пак да се доведат во ситуација да предизвикуваат жестоки вербални расправии. Едноставно тоа може да го решат ако со контролорите на различни линии во различни автобуси влегуваат и полицајци. Барем со секоја трета контрола да бидат присутни за да ги спречат ваквите инциденти – вели Гоце Трајановски
Но од претпријатието велат дека тоа е неизводливо, ниту пак е предвидено со правилникот за работа за линиската контрола. Додаваат дека повремено, со претходна координација, се случуваат вонредни акции или контроли со асистенција и придружба на МВР.
Скопјани многупати и не знаат каде и кому да ги пријават случаите за недолично однесување на вработени на ЈСП. Некои своите искуства ги пријавуваат на веб-страницата на претпријатието или споделуваат на социјалните мрежи, а малкумина се информирани дека тоа треба да го направат на веб-страницата на ЈСП со наведен опис на ситуацијата и информација за тоа кој ден, време и на која линија се случила, како и да го наведат гаражниот број на возилото.
– Во меѓувреме, Комисијата за дисциплински постапки во рамките на ЈСП треба да утврди дали ќе поведе дисциплинска постапка против контролорите. Веќе информиравме дека веднаш по инцидентот, на терен излезе екипа на Внатрешната контрола на ЈСП, а повикана била и екипа на МВР. Според исказот на контролорите, инцидентот се случил откако патник без билет физички го нападнал едниот контролор, бидејќи во меѓувреме му бил побаран документ за легитимација за да му се изработи записник поради возење без билет, а истиот тој одбил да го даде, по што, се вмешал и другиот контролор. Патникот, според Внатрешната контрола, потоа се обидел да избега и токму од тие причини контролорите го држеле патникот, а не „го газат и млатат“, што беа најчестите коментари на фотографијата од инцидентот споделена по социјалните мрежи – објаснуваат од ЈСП.
Од претпријатието додаваат дека во случај на слични инциденти, патниците можат да побараат интервенција од Внатрешната контрола или од МВР. Напоменуваат дека ЈСП е отворено за жалби и поплаки од страна на патниците, по чија регистрација, пријавените случаи се испитуваат од страна на соодветните служби во рамките на претпријатието.
– Веќе шест месеци имаме директна комуникација со корисниците на нашите услуги преку фан-страната на ЈСП на Фејсбук (facebook.com/jspskopjee), како и преку веб-страницата www.jsp.com.mk. Секој што има конкретна поплака за наш вработен (возач, контролор, билетарка и слично), може да ја испрати на посочените адреси со наведен опис на ситуацијата и информации за ден, време, линија, гаражен број на возило. Колку за пример и доказ дека се санкционираат несоодветни однесувања на наши вработени, се бројот на поведени дисциплински постапки, како резултат на пријави од страна на патници или по увид од Внатрешната контрола. Во изминативе шест месеци, се поведени 105 дисциплински постапки – велат од ЈСП.
Оттаму посочуваат дека во одредени ситуации не се виновни нивните вработени. Како пример наведуваат дека во август биле извршени 27 контроли на пријавени недоразбирања (инциденти) помеѓу контролори и патници, при што во пет од нив биле виновни контролорите и против нив се поведени дисциплински постапки. Дваесет и два инцидента, пак, завршиле со помирување на двете страни, при што патниците признале вина за предизвикување на инцидентот. Поради тоа, од ЈСП сметаат дека посочените бројки укажуваат и потврдуваат дека и граѓаните, корисници на јавниот превоз, секогаш не се во право.