Два часа исполнети со театар и со музика им овозможи општината Центар на сите деца и родители што беа присутни на детската работилница во паркот во Капиштец. Ова беше само уште едно случување од многубројните летово што се дел од проектот „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“.
Целта е да се поттикнат младите да излегуваат надвор и да се дружат, наместо да седат пред таблети и пред компјутери. Во рамките на циклусот детски настани во општината Центар летово се одржаа ликовна, музичка, драмска, како и ликовна работилница со игри без граници.
Како што соопштија од општината, вчера се одржа отворен музичко-драмски час. За драмскиот дел беше задолжен актерот Гораст Цветковски, а музичката работилница беше под водство на композиторката Ана Пандевска и пијанистката Дуња Иванова. Децата вчера се запознаа со инструментот клавинова, односно електрично пијано.
Цветковски ги водеше децата доброволци низ три кратки драмски игри, „Две жапчиња“, „Двајцата истражувачи“ и „Марија и мајка ѝ“, а потоа тој имаше монолог.
На музичката работилница пијанистката Иванова на клавинова изведе неколку композиции од цртаните филмови. Под водство на Ана Пандевска најмладите научија што е клавинова, каде се применува и каква е во споредба со акустичното пијано. Се одиграа и неколку музички игри на кои најмладите решаваа музички гатанки или го погодуваа инструментот. Истовремено имаа и кратка бонтон-едукација за односот кон инструментите, публиката и кон музичарите. С.Р.