По должината на улицата Варшавска, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ гради нова и реконструира стара хидротехничка инфраструктура. Проектот предвидува вградување полиетиленски водоводни цевки од 160 милиметри, а со вкупна должина од 130 метри. Исто така ќе се изгради и фекална канализација долга 210 метри, со дијаметар на цевководот од 250 милиметри при што ќе бидат вградени полипропиленски канализациски цевки и армирано-бетонски шахти со капаци од таканаречен тежок тип. Проектот раководен од градот Скопје е инвестиција на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Изградбата и реконструкцијата на водоводната и на фекалната канализација ќе чини 4.415.609,00 денари.
– Градот интензивно врши градежни зафати, а слични на овој се вршат и во општините Центар, Ѓорче Петров и Гази Баба. Овде конкретно има потреба од ваква интервенција поради несоодветното постапување на изминатите градски и општински власти, бидејќи интензивното градење не ја следеше соодветна инфраструктура, поради тоа влегуваме во вакви зафати за да обезбедиме квалитетна вода и притисок – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој додаде дека скопската вода е втора во Европа по својот квалитет, потребни се околу 30 години да помине низ природните филтри од Шар Планина, по подземните патишта преку Полог и Жеден додека да дојде до граѓаните.
Од претпријатието велат дека на овој потег од населбата Тафталиџе со изведбените работи, кои веќе почнаа да се реализираат, ќе се олесни приклучувањето на новоизградените објекти токму на овој дел од улицата Варшавска. Исто така, ќе се овозможат правилно поврзување или приклучување на друга постојна улична водоводна мрежа, односно фекална улична канализација за кои досега не постоеја технички исправни можности или услови, затоа што и не постоеше улична фекална канализација.