Во градинката „Росица“ во Ѓорче Петров
Од општината Ѓорче Петров велат дека иако водата доаѓа од Рашче, старите водоводни системи се причината за поставување филтри во износ од 300.000 денари. За некои граѓани дискутабилна е идејата дали да се постават скапи филтри или да се заменат цевките во системот
Децата од ЈОУГД,,Росица“ ќе добијат чиста и здрава вода за пиење. Со поставувањето на филтрите значително ќе се подобри квалитетот на водата, ќе се спречат заразните болести, ќе се подобри нивото на хигиена и ќе се заштити здравјето на нашите идни генерации, се вели во дел од информацијата објавена на општинската страница на Ѓорче Петров, во која, пак, подолу е наведено дека за прочистувачите за вода се потрошени 300.000 денари. Иако станува збор за подобрување на условите во една предучилишна установа, многумина откако ја прочитале содржината го поставуваат прашањето дали претходно имало заразни болести во градинката поради тоа што немало филтри и дали поради тоа имало полоша хигиена. За некои е дискутабилна идејата дали да се постават филтри или да се заменат цевките во системот.
Содржината на објавената информација на страницата на општината Ѓорче Петров за поставување филтри за вода во детската градинка „Росица“ поради стари водоводни системи ги разбранува дискусиите помеѓу група граѓани и родители. Нивните полемики и низа прашања произлегуваат од самата информација, од која за нив и, како што велат, за секој што ќе ја прочита има многу нејаснотии.
– Иако водата доаѓа од Рашче, кое е во близината, причината за поставување на овие филтри се старите водоводни системи низ кои поминува водата – стои во истата информација.
Но логично, велат граѓани, се наметнува и прашањето ако здравјето на дечињата на општинските власти им е најважно, зошто овие пари тогаш се потрошиле на прочистувачи за вода наместо да се вложат во замена на старите водоводни системи. Исто така, нејасно е во информацијата дали се во прашање старите цевки од објектите на градинката или, пак, станува збор за водоводниот систем воопшто, за кој општината пак треба да се заложи да биде обновен. Од општината Ѓорче Петров со смирувачки тон велат дека досега ниту се евидентирани заразни болести, ниту пак водата имала лош квалитет. Филтрите биле поставени исклучиво од превентивни причини, бидејќи била мошне стара водоводната инсталација во објектите.
– Досега не е евидентиран лош квалитет на водата во објектите на ЈОУДГ „Росица“, ниту пак се евидентирани заразни болести кај децата. Прочистувачите за вода се поставуваат исклучиво од превентивни причини. Водоводната инсталација во објектите е стара од 40 до 60 години, во зависност од датумот на изградба на објектот. Староста на водоводната мрежа во општината не може да се генерализира. Таа се реконструира во согласност со утврдените потреби и програмата за комунални дејности на општината. Прочистувачите за вода се поставуваат превентивно, имајќи предвид дека квалитетот на водата, иако во моментов не претставува ризик по здравјето, секогаш може да се подобри, а се со цел да се обезбедат оптимални услови за правилен раст и развој на децата од предучилишна возраст – смируваат и објаснуваат надлежните од општината Ѓорче Петров.
За прочистувачите на вода градинката потрошила 300.000 денари, што не е мала сума, за која родителите имаат различни коментари. Од каде една градинка успеала да издвои толку пари за вградување филтри во објектите на градинката побаравме одговор од општината Ѓорче Петров. Оттаму велат дека градинката ги има покриено трошоците за прочистувачите на вода од наменската блок-дотација со која се финансира нејзиното работење од страна на Министерството за труд и социјална политика.