Автобусите на јавниот градски превоз, в понеделник, поради државниот празник Свети Климент Охридски ќе сообраќаат по неделен возен ред, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Жичницата на Водно ќе работи со вообичаено работно време за овој период од годината, односно од 10 до 17 часот.
Како што наведуваат од претпријатието, последното возење од долу нагоре ќе биде во 16 до 16.30 часот, кога граѓаните ќе можат да се искачат до Милениумскиот крст, додека последно возење од горе надолу или враќањето со жичницата е планирано за во 16.45 часот.
– В понеделник, кој е неработен ден поради државниот празник, Свети Климент Охридски дежурни ќе бидат три билетарници. Онаа кај Транспортен центар ќе работи од 7 до 19.30 часот, а во истиот временски интервал ќе биде отворена и билетарницата кај Зелено пазарче, додека онаа во Ѓорче Петров ќе работи од 7 до 13 часот – велат од ЈСП „Скопје“.