Наместо да растат и да се развиваат во топол дом, бебињата, децата што се користат за питачење секојдневно се на отворено, во метеж и во време на пандемија. Во 2020 година имало 40 новоевидентирани деца на улица. Во согласност со евиденцијата на ЈУ „Завод за социјални дејности“, заклучно со мај годинава, евидентирани се вкупно 83 деца на улица, и тоа 63 во Скопје
Во каква здравствена состојба се бебињата, малите дечиња во прегратките на мајките што питачат по градските крстосници? Најчесто се заспани, не плачат, додека овие жени седат на некој картон или крстосуваат покрај автомобилите во движење во зима или налето, додека нивните деца зашеметени целодневно се изложени на студ, жештина и издувни гасови.
Прашањето дали е ова единствениот начин за мајките да заработат за да преживеат е од една страна, а од друга, и она што уште повеќе загрижува, е здравјето, здравиот раст и развој на тие деца, кои постојано и секојдневно се изложени на еден нехуман третман. Жално е што најчесто граѓаните се само неми сведоци, кои се сожалуваат на овие бебиња и им остават понекоја пара на мајките наместо активно да учествуваат во решавањето на овие случаи и да ги пријавуваат за да се најде спас за овие деца. Наместо да растат и да се развиваат во топол дом, секојдневно се на отворено, во метеж во време на пандемија.
Во 2020 година имало 40 новоевидентирани деца на улица. Инаку, најголемиот број од вкупно евидентираните деца што питачат се во Скопје. Во согласност со евиденцијата на ЈУ „Завод за социјални дејности“, заклучно со мај годинава, евидентирани се вкупно 83 деца на улица, и тоа 63 во Скопје, шест во Кичево, потоа пет деца регистрирал Центарот за социјални работи во Битола, четири во Куманово, две деца во Прилеп и по едно во Велес, Гостивар и во Кавадарци.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во насока на подобрување на благосостојбата на децата спровеле сеопфатна реформа на системите за социјална и детска заштита.
– Во согласност со Законот за семејство е утврдено дека наведувањето на детето на питачење или негово користење за питачење ќе се смета за злоупотреба и грубо занемарување на вршењето на родителските должности и се прецизира постапувањето на центарот за социјална работа. Имено, во случаите кога центарот за социјална работа ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи за питачење, ќе му укаже на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право и ќе спроведе стручна советодавна работа со родителите и со детето. Доколку родителот на детето не постапи по укажувањата на центарот за социјална работа и повторно го наведува детето на питачење или го користи за питачење, тогаш центарот за социјална работа веднаш привремено го одзема детето од родителот и поведува постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд. Потоа задолжително поднесува кривична пријава против родителот што го злоупотребува и занемарува родителското право, обезбедува соодветно згрижување на детето и презема мерки за заштита на правата и интересите на малолетното дете, до донесувањето на конечната одлука на судот за одземање на родителското право – појаснуваат од Министерството за труд и социјална работа.
Оттаму додаваат дека ако со наведувањето на детето на питачење или со користење за питачење родителот го довел во опасност животот на детето, тогаш центарот за социјална работа е должен веднаш привремено да го одземе детето од родителот, да обезбеди соодветно згрижување за него, да преземе мерки за заштита на правата и интересите на детето до донесувањето на конечната одлука на судот за одземање на родителското право и да поведе постапка за одземање на родителското право, без да му укажува на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, без да донесува решение за постојан надзор над вршењето на родителското право и спроведување стручна советодавна работа и задолжително поднесува кривична пријава против родителот што го злоупотребува и занемарува родителското право.
Наместо да бидат секој ден на улица, секако дека овие деца ќе добијат подобар третман доколку бидат сместени во топол дом и добиваат постојана грижа и ја имаат потребната здравствена заштита.
Процената за сместување ја прави ЦСР, која може да биде: згрижувачко семејство, роднинско сместување, ставање под старателство и назначување старател на детето, сместување во мал групен дом, во зависност од потребите на детето. Формите и услугите во системот на социјална заштита опфаќаат згрижување, обезбедување воспитание и образование, како и обезбедување здравствена заштита. Во насока на подобрување на благосостојбата на децата, Министерството за труд и социјална политика спроведе сеопфатна реформа на системите за социјална и детска заштита – велат од ресорното министерство.
Од ЈУ „Завод за социјални дејности“ појаснуваат дека по однос на преземените мерки не се води посебна евиденција за деца на улица туку за деца во ризик. Па, според тоа, во згрижувачки семејства се сместени шест деца, осум во мал групен дом, а за 38 деца е поведен надзор над родителското право. Само едно дете било дадено на посвојување, а 14 се ставени под старателство. Во досегашната евиденција, стручна советодавна работа со деца и родители на деца на улица се реализира за 11 деца, а 64 деца се упатени во дневен центар за деца од улица. Дури на 32 деца им се даваат други форми на помош и заштита.
Детската сиромаштија изнесува 30 отсто
Со социјалната реформа, пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати, односно за првпат системот е отворен за лицата со ниски примања. Конкретно, детскиот додаток, наместо досегашните 3.200 деца, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот, наместо 3.800 деца, 64.316 деца.
Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30 отсто. Така, додатоците за семејства со деца што живеат во сиромаштија се зголемија за повеќе од 100 отсто. На пример, ако едно семејство со две деца на училишна возраст, каде што двајцата родители се невработени, досега земало околу 5.000 денари помош, со социјалната реформа ќе зема 10.600. Врз основа на постојаното следење на состојбата со децата на улица и зголемениот број на деца што питачат, се наметна потребата за преземање конкретни чекори и активности за евидентирање/мапирање на овие деца. За таа цел, во 2019/2020 година од страна на Министерството за труд и социјална политика и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, а во соработка со меѓународните организации (УНИЦЕФ, ИОМ), беа формирани тимови составени од теренски работници и стручни работници што работат на мапирање на децата на улица на најфреквентните места на територијата на градот Скопје, посета на семејствата и нивно вклучување во системот на социјална заштита. Во 2020 година новоевидентирани беа околу 40 деца на улица – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Тие појаснуваат дека интензивно го спроведуваат процесот за деинституционализација, преку кој се овозможи децата сместени во институциите да се преселат во мали групни домови, каде што им се обезбедени услови за живеење што се најблиски до семејните. Инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата. Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување и образование, Владата се обврза до 2021-та да го зголеми за 50 отсто опфатот на деца од предучилишна возраст (од три до шест години) во установите за згрижување и воспитание. Во таа насока, од Министерството за труд и социјална политика велат дека во соработка со општините работат на проширување на капацитетите за заштита и воспитание на децата.
Годинава 32 лица прекршочно казнети за питачење
Децата на улица, во согласност со Законот за правда на децата се категоризираат како деца во ризик и во согласност со овој закон мерките за помош и заштита ги предлагаат центрите за социјална работа. Обврските и надлежностите на полицијата се насочени кон преземање мерки и дејства за: утврдување постојна или потенцијална експлоатација на детето или за утврдување злоупотреба или грубо занемарување на родителската должност, која се манифестира со наведување на детето на питачење или, пак, со негово искористување за питачење.
Поради потребата од мултисекторски пристап, МВР во соработка со центрите за социјална работа спроведува акциски контроли во кои надлежноста на полицијата се сведува на: прекршочно санкционирање на лицата затекнати во питачење (Закон за прекршоци против јавниот ред и мир), кривично гонење на родителите за сторено кривично дело Запуштање и малтретирање дете, како и за трговија со дете кога ќе се докаже дека детето е предмет на експлоатација на труд. Во 2021 година не се евидентирани кривични дела, а во 19 случаи прекршочно се санкционирани 32 лица за питачење. Од вкупниот број санкционирани лица, две се деца. Во согласност со Законот за правда на децата, Министерството за внатрешни работи за затекнатите деца го известува Центарот за социјални работи со писмено известување ,кое содржи лични податоци за детето и неговите родители, односно старатели, стореното дејство и околностите под кои е сторено. Во итни случаи, известувањето може да биде и по телефон, а дополнително се доставува писмено известување – велат од МВР.