Агенцијата за храна и ветеринарство почнува кампања за микрочипирање миленици
Сопствениците на домашни миленици, односно на кучиња и на мачки од денеска ќе можат бесплатно да ги регистрираат своите љубимци. Агенцијата за храна и ветеринарство им нуди бесплатно микрочипирање на домашните миленици, а за таа намена има набавено 100.000 микрочипови. Чипирањето на кучињата и на мачките ќе се реализира преку принципот „прв дојден, прв услужен“, во рамките на кампања за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици. Чипирањето на животните ќе значи создавање база на податоци што е само почеток на решавањето на проблемите со домашните миленици. Граѓаните што нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Ако се утврди кој му е сопственик ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето многу ќе помогне и при пронаоѓање изгубени миленици, а според процените на АХВ ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата-скитници.
Кампањата за чипирање АХВ ја почнува денеска и ќе трае до 31 март идната година или како што беше најавено до потрошувањето на набавеното количество од 100.000 микрочипови. Чипирањето ќе го вршат 135 ветеринарни друштва, со кои АХВ склучи договори и со тоа е покриена цела територија на земјава. При реализацијата на оваа кампања податоците за животните и нивните сопственици ќе бидат внесени во информативниот систем на АХВ.
– Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за издавање пасош за домашен миленик што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата. На веб-страницата на АХВ ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои е склучен договор во која ќе стојат телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво за да можат сопствениците да стапат во контакт. Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку не ја спроведе предвидена е санкција од 30 евра во денарска противвредност – рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов, при промоцијата на кампањата за микрочипирање на домашните кучиња и мачки.
По завршувањето на кампањата, како што беше најавено, АХВ ќе реализира засилени контроли преку кои ќе може да утврди дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните домашни миленици.
Од АХВ ги повикуваат сопствениците на кучиња и на мачки масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња.
– Апелирам до сопствениците да ја искористат оваа ретка шанса да можат бесплатно да ја исполнат својата обврска и до 31 март да ги донесат своите домашни миленичиња и да се изврши постапката на идентификација и регистрација. Тоа е безболна процедура што не носи никакви ризици, бидејќи микрочипот е со големина на зрно ориз и е направен од биoкомпатибилен материјал и не создава никакви реакции при апликацијата – рече претседателот на Ветеринарната комора д-р Томислав Николовски.