Скопје интензивно се подготвува за историската посета на папата Франциск на 7 мај. На недоградените објекти од „Скопје 2014“ се поставуваат бели платна. Градската куќа и Офицерскиот дом на плоштадот „Македонија“ добија нов изглед.

Работниците на плоштадот интензивно работат на поставување на бината од којашто папата во вторник ќе држи литургија. Просторот е ограден со бели огради.


ЈСП го објави режимот на движење на автобусите за време на посетата на папата

Од ЈСП информираат дека во вторник (7 мај) за време на посетата на папата Франциско ќе има посебен режим на сообраќање на автобусите од јавниот превоз во период од 7 до 19 часот.

Покрај тоа, нема да работат билетарниците, ниту Жичарницата на Средно Водно, а превозот ќе биде бесплатен за сите граѓани.

Од Јавното сообраќајно претпријатие ја известуваат јавноста дека поголем дел од линиите ќе имаат изменет режим на сообраќање и ќе возат по изменети траси од вообичаените, а линиите 3, 3Б и 25 воопшто нема да бидат во функција.