Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради топлотниот бран и високите температури, мобилни екипи на Црвениот крст на Град Скопје патролираат низ централното градско подрачје и им даваат совети на граѓаните како да се заштитат од топлотниот бран. Доколку е потребно, екипите укажуваат и прва помош. Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка од Град Скопје, подготви акциски план што опфаќа теренски активности за справување со евентуални топлински бранови. Во согласност со искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од волонтери од тимот за одговор при катастрофи од петте општински организации во Скопје патролираат низ градот Скопје и дистрибуираат вода и информативни летоци наменети за граѓаните, информираат градските власти

ПЕКОЛНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ ВО МЕТРОПОЛАТА

Речиси цела измината недела, но и престојните денови, метеоролошката карта над главниот град покажува дека температурите на воздухот во Скопје ќе се искачат на енормно високи температури, над 40 степени. Прогнозите велат дека температурите минимално ќе се намалат во втората половина од наредната недела, иако нема значително заладување на повидок. Скопјани одамна не паметат толку екстремно високи температури, поради кои во градот едвај може да се дише. Граѓаните велат дека се крајно претпазливи и внимателни, а градските власти, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, веќе на големо реализираат активности во кои ги снабдуваат граѓаните што се на отворено со вода, за да не доживеат топлотен удар.

ТИЕ ШТО МОРААТ, МОРААТ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ЖЕШКОТО

Главниот град е под вршник. Граѓаните и целокупната природа едвај преживуваат на овие екстремно високи температури. Зеленилото, колку и да се полева, жолтее од силните сончеви зраци, а граѓаните набрзина излегуваат да ги завршат неопходните обврски. Оние што мораат да излегуваат на отворено, гледаат да го сторат тоа во раните утрински часови, за да ги избегнат пеколните горештини, иако во Скопје и утрата се доста жешки.
– Кој мора да оди на работа, мора. Тој што мора да заврши некоја приватна неодложна работа, мора. Независно дали е топло или не, тоа што мора, едноставно мора да се направи. Се обидувам колку што можам да го избегнам пеколниот шпиц, но невозможно е, бидејќи во Скопје е топло 24 часа. И во вечерните часови температурите се неподносливи – вели Борис Трајков, пензионер од Скопје.
Тој вели дека и порано било топло, но не до овој степен, и дека летата биле жешки, но подносливо топли, а вечерите никој немал потреба од клима-уреди.
– Во мојата младост дури и температурите беа поинакви. Годишните времиња беа карактеристични за месеците по кои ги препознаваме. Сега сѐ е измешано. Никогаш во мојата младост немало вакви горештини како што се сега. За жал, она што науката го кажува како климатски промени, ние го преживуваме сега – вели тој.
Сепак, изминатите неколку години, Скопје налето се задушува, а жителите бараат спас во околните посвежи места што се во близината на метрополата. Оние што имаат викенд-куќи низ земјата, заминуваат да се оладат, а откако се отворија границите, многумина бараат спас на море.

ГРАДОТ СО ПРЕВЕНТИВНИ АКТИВНОСТИ

Топлотниот бран, кој никако да си замине од земјава и од главниот град, ги алармира градските власти, кои во соработка со Црвениот крст на Град Скопје реализираат низа активности со кои ги советуваат граѓаните како да се заштитат од високите температури.
– Поради топлотниот бран и високите температури, мобилни екипи на Црвениот крст на Град Скопје патролираат низ централното градско подрачје и им даваат совети на граѓаните како да се заштитат од топлотниот бран. Доколку е потребно, екипите укажуваат и прва помош.
Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка од Град Скопје, подготви акциски план што опфаќа теренски активности за справување со евентуални топлински бранови. Во согласност со искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од волонтери од Тимот за одговор при катастрофи од петте општински организации во Скопје патролираат низ градот Скопје и дистрибуираат вода и информативни летоци наменети за граѓаните – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека за активностите се ангажирани 16 волонтери, распоредени во четири тима со четири возила, каде што на дневна основа дистрибуираат 800 шишиња вода или 400 литри вода.
Овие акции многу значат за граѓаните, кои велат дека се чувствуваат безбедно кога знаат дека имаат некој да се потпрат доколку им се слоши од горештините.
– Секогаш е добро да знаеш дека некој се грижи за тебе, дека доколку ти затреба некој во одреден момент од денот во кој мораш да завршиш некоја работа е тука да ти помогне – вели Надица Стојковска.

[email protected]