Кое е соодветно време за миење на улиците со – или за рачно и машинско метење со камионите метларки прашуваат некои скопјани, кои им забележуваат на комуналците дека, сепак, не го прават тоа во соодветно време. Тие велат дека особено не е коректно да ги метат станиците наутро кога се полни со луѓе што чекаат автобус, да ги мијат тротоарите кога по нив трчаат пешаци за да ги избегнат или, пак, наутро кога луѓето средени и чисти завршуваат запрашени од облаците прав на камионот метларка. Оние што го искусиле тоа револтирано прашуваат дали навистина не е посоодветно ваквите активности, комуналците да ги практикуваат кога по улиците и тротоарите има помала фреквенција на луѓе. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека до нив нема поплаки од граѓаните за термините во кои се спроведуваат акциите на чистење. Иако ги прашавме, не ни одговорија кои се саатниците според кои треба да ги извршуваат овие активности. Нѐ информираа дека работат според планот и програмата.
– Автоцистерните поминуваат во прва смена во сите општини, освен во Центар, а во трета смена во општината Центар, во делот на Мал и Голем ринг. Така е одредено по програмата и планот за работа на претпријатието. Сезоната на автоцистерните е од 1 април до 30 октомври, бидејќи само тогаш постојат услови за работа, во спротивно коловозите може да замрзнат. Не сме имале поплаки за термините. Напротив, барањата на граѓаните секогаш се во насока на ангажирање автоцистерни и метларки за постигнување подобри резултати при чистење на улиците – велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Но има граѓани што имаат забелешки не само на метларките и цистерните туку и во однос на собирањето на комуналниот смет во утринските часови. Зборуваат за улиците каде што сообраќајот е пофреквентен, кога многумина, брзајќи навреме да стигнат на работното место, не можат да поминат од камионот за собирање смет. Таков е примерот на улицата Јуриј Гагарин, каде што има повеќе фирми и угостителски објекти.
– Навистина не ми е јасно како може да се чистат улиците во период од денот кога се најфреквентни. Еве, на пример, ми се случи на улицата Рузвелтова наутро околу 9 часот. По тротоарот луѓе, секој ита некаде, а јас кон Капиштец. Брзајќи да го одминам камионот метларка, кој метејќи ја улицата креваше облаци од прашина, потрчав по тротоарот, за потоа по кратко време камионот повторно да се најде покрај мене. Почнав да бегам, како и другите пешаци, итајќи со побрзи чекори и трчајќи напред, а набргу метларката повторно се најде покрај нас. Нејзиниот возач како да се забавуваше со нас, а кога решивме да преминеме од другата страна на улицата, тој заврте полукружно и повторно мина покрај нас во правец на улицата Партизанска. Убаво „потпрашени“ од метларката, а богами и испрашени, секој замина во својот правец, зачудени што беше ова. Зарем не може да се метат улиците кога по нив нема голема фреквенција на луѓе? Кој им кажал дека ова треба да го прават кога луѓето одат на работа? Истото тоа го забележувам и кога се мијат улиците. Во Чаир поминуваат во истиот термин, околу 9 часот. Несфатливо е како можат да прават таков распоред на работата – вели скопјанката Лиле Милевска.
Други граѓани се жалат и на собирањето на сметот наутро, кога луѓето одат на работа. Тие велат дека камионите пречат во сообраќајот и создаваат дополнителни нервоза кај оние што треба да одат на работа.
– Во раните часови, кога одев на работа, застанав кај улицата Јури Гагарин затоа што имаше долга колона. Се прашував што се случило, а потоа успеав да видам дека камион од комунална хигиена го собира сметот и затоа запрел сообраќајот. Значи, наместо навреме да влезам во работните простории, губам време чекајќи го нивниот камион да си ја заврши работата. Па, нема смисла, и онака имаме сообраќаен хаос во градов. Немаме ништо против да си ја работат својата работа, и повеќе од тоа, но нека го прават тоа во посоодветни термини, кога нема да пречат – вели скопјанецот Петар Петковски.