Центар ќе го реконструира Матично
Некогашното Матично, кое се наоѓа во задниот дел од дворот на Општина Центар, ќе им биде предадено на користење на заинтересираните младински здруженија и невладини организации, а дел ќе биде наменет за потребите на администрацијата на Општината.
Владата ѝ ја предаде бараката на Општина Центар, а Општината комплетно ќе ја реконструира и преуреди, за што распиша јавен оглас за избор на најповолен изведувач на градежно занаетчиски работи.
Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 25 септември во 10 часот, кога ќе се спроведе јавното отворање.
– Реконструкцијата ќе опфати нова фасада и покрив, внатрешно уредување, реконструкција на санитарен јазол, промена на внатрешниот водовод, реконструкција на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видеомониторинг-систем и громобранска и против пожарна инсталација – информираат општинските власти.
Работите ќе започнат веднаш кога ќе се одбере фирмата изведувач и се очекува да завршат до Нова година.
Целиот зафат ќе чини околу шест милиони денари. Дел од средствата се добиени како донација од УНДП и од Швајцарска агенција за развој и соработка, како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети”, а дел се сопствени средства од буџетот на Општина Центар.
Општинските власти од Карпош лично ги едуцираат граѓаните
како да носат заштитни маски
Повик до граѓаните да носат заштитни маски, да одржуваат дистанца и да вршат почеста дезинфекција при посетата на маалските паркови, платоа и детски игралишта се дел од советите што претставниците од урбаните заедници на Општина Карпош и службеници од Секторот за дејности од јавен интерес ги упатуваат до граѓаните.
Локалната самоуправа започна со теренска информативна кампања, имајќи предвид дека голем број граѓани поминуваат дел од своето време на отворен простор. Изминатите денови се делеа информативни летоци во населбите Влае 2, Владо Тасевски (Млечен), Козле и Карпош 2, а акцијата ќе продолжи и во другите населби.
– Од теренските проверки, граѓаните во најголем дел ги почитуваат мерките, но има повеќе примери и на неносење заштитни маски и седење во поголеми групи. Во овие случаи, претставниците на Општина Карпош алармираа до граѓаните да одржуваат дистанца и да стават заштитна маска, затоа што сите носиме одговорност за намалување на ширењето на овој вирус. Комуналните служби на Општината продолжуваат и со секојдневната дезинфекција и миење на улиците со цистерни, како и со чистење на пофреквентните јавни површини – информираат општинските власти.