Се чисти каналот во Ново Село
Општинските служби на Ѓорче Петров заедно со АД „Водостопанство“ – Скопско Поле го чистат каналот за наводнување во Ново Село, кој беше обраснат со бујна вегетација, но во него имаше и ѓубре што го фрлале несовесни граѓани. Како што велат од Општината, зафатот за чистење на каналот бил неопходен за да се овозможи подобар проток на вода.
– Со чистењето на каналот ќе овозможиме подобар проток на вода и ќе се спречи нејзино излевање во услови кога има пообилни врнежи од дожд, бидејќи нејзиниот проток беше оневозможен од високата и ниската вегетација, но и од исфрлениот смет во каналот. Работиме на наоѓање решение и за преостанатите канали и очекуваме санација во брзо време – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Финишира асфалтирањето на улица Новопланирана 4А во Криви Дол
Надлежните од Општина Карпош ги финишираат градежните работи на улицата Новопланирана 4А, во населеното место Криви Дол и деновиве во тек е поставувањето на последниот асфалтен слој на коловозот на оваа сообраќајница.
– На терен работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, кои завршуваат со реконструкцијата. Улицата е во должина од 370 метри и истата таа повеќе години беше во руинирана состојба. Оваа сообраќајница претставува пристап за поголем број домаќинства и со обновата ќе се зголеми безбедноста за жителите од оваа населба – велат од Општина Карпош.
Неодамна, во овој реон Општината направи и ново детско игралиште, се поставија и нови клупи за седење, осветлување и канти за отпадоци. Исто така, значително се раззелени делот околу детската зона, а одговорните од Општина Карпош велат дека продолжуваат да ги развиваат и периферните делови, кои повеќе години изгледаат отсечено од урбаното јадро.
Општина Аеродром дезинфицира и уредува градинки
Општина Аеродром периодов врши внатрешно и надворешно уредување на објектите на градинката „Срничка“. Реновиран беше најнапред објектот „Изворче“ во кој беа реализирани повеќе зафати, меѓу кои, менување на електриката, молерисување, комплетно обновување на салата, поправка на ламперијата во ходниците и занималните, хортикултурно уредување на дворовите, како и внатрешно разубавување на просторот.
– Исто така, извршена е дезинфекција и дератизација на објектите, а се поставени и безбедносни камери. Реновирањето продолжува и во другите објекти „Чекорче“ и „Бамби“. Со реновирањето ќе се подобрат условите за престој на децата, како и условите за работа на вработените – сметаат надлежните од Аеродром.