Без струја дел од жителите на улицата Васил Ѓоргов

Денеска, во периодот од 9 до 12 часот, без електрична енергија ќе останат граѓани што живеат на улицата Васил Ѓоргов, како и објектите на „Македонски железници“ во општината Центар. Тричасовниот прекин во напојувањето со струја, како што информираат од „ЕВН Македонија“, се должи на однапред веќе планиран технички зафат во електросистемот во градот Скопје. По завршувањето на зафатот, граѓаните повторно ќе добијат нормално снабдување со електрична енергија.

Центар донира 200 топли оброци за граѓани во социјален
ризик

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и претставници од локалната самоуправа, во соработка со невладината организација „Банка за храна“, им поделија 200 топли оброци на граѓаните што живеат во населбите Крњево и Маџир Маало.
Оваа хумана донација е обезбедена од општината, во соработка со економските оператори и други физички и правни лица, за жителите на Центар што живеат во социјален ризик. Донацијата беше поделена по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам.

Изминатиот период од страна на Општина Центар беа обезбедени пакети прехранбени продукти и основни намирници за живот на децата, деинституционализирани од специјалниот завод „Демир Капија“, а кои живеат во мали групни домови на територијата на општината Центар. Имаше и донации за приматели на социјална помош, згрижувачки семејства, стари лица со минимални пензиски примања, центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака“, како и во полициските станици „Центар“ и „Пролет“.

– Навистина сум благодарен за несебичната хуманост и поддршка на сите економски оператори и поединци што се вклучија во овие акции за големиот муслимански празник Рамазан-бајрам и заедно им овозможивме на овие наши сограѓани да го прослават празникот со топол оброк, во нивните домови и со нивните семејства. За време на акцијата, секој од нас ги почитуваше препорачаните мерки на претпазливост и заштита од коронавирусот – рече градоначалникот Саша Богдановиќ.
Надлежните од Општина Центар велат дека како локална самоуправа и во наредниот период ќе продолжат да обезбедуваат донации од општествено одговорни компании и хумани поединци, за помош и поддршка на најранливите категории граѓани што живеат на територијата на општината.