Се чисти дивата депонија
кај фабриката „Хемтекс“
Општина Кисела Вода во соработка со Град Скопје започна голема акција за чистење на дивата депонија, лоцирана во околината на фабриката „Хемтекс“.
Екипите на градот и на општината вчераутро рачно и со механизација во должина од околу еден километар почнаа со расчистување на над 200 кубни метри отпад, фрлен од страна на несовесни граѓани. Покрај ова, со акцијата е опфатено и кастрење на нараснати и суви гранки на дрвјата.
– Локалната самоуправа во соработка со Град Скопје изминатиов период на својата територија ги исчисти најголемите диви депонии. На дел од депониите направени се паркови, а на некои во тек се градежни активности за зазеленување и урбано уредување – велат надлежните од Кисела Вода.
Тие ги повикуваат граѓаните да не фрлаат отпад на јавните површини, да го почитуваат Законот за јавна чистота, затоа што само така ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.
Се гради кружен тек во Волково
Во населеното место Волково во Општина Ѓорче Петров се гради кружен тек. Вкупната инвестиција за неговата изградба е 6 милиони денари, од кои 3,5 милиони денари се финансиска поддршка од Платежната агенција, преку Програмата за рурален развој. Преостанатите средства се од буџетот на општината. Со изградбата на кружниот тек ќе се реши сообраќајниот хаос во Волково и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот како за возачите, така и за пешаците.
– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и Ваљон Салиху од кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, извршија увид во градежните работи на кружниот тек во селото Волково. Овој проект се реализира со финансиска поддршка од Програмата за рурален развој – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Надлежните сметаат дека во иднина ќе биде олеснето движењето кон последната станица на автобуската линија со бројот 22, која е една од најкористените линии во јавниот градски превоз. Корист ќе имаат околу 10.000 жители на Општина Ѓорче Петров, кои живеат и работат во Волково, Кучково, Орман и Никиштани. Изградбата на овој кружен тек е од витално значење за жителите од Волково и неколкуте населени места во овој реон. Преку кружниот тек ќе се подобри пристапот на жителите од сите тие населени места.