Климатските промени и глобалното затоплување веројатно за кратко време ќе нѐ доведат во ситуација кога водата ќе биде многу редок и баран ресурс, особено пивката вода, која Скопје ја има доволно ама се троши безмилосно и таму каде што не е потребно. Скопскиот водовод губи околу 50 отсто од водата преку водоводната мрежа, а 15 отсто од загубите отпаѓаат на водата што се користи за наводнување на зелените површини, хидрантите, јавните чешми и друго. Многу градски чешми постојано течат, затоа што немаат затворачи или се расипани. На општините е оставена одговорноста за копање бунари од кои ќе се користи техничка вода за полевање на зелените површини и за миење на улиците, а малку од нив имаат бунари.
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ не кријат дека поголемиот дел од загубите на вода е поради многубројните дефекти во подземната мрежа, кои не можат да се видат. За да се санираат дефектите и да се спречи губењето вода, ЈП „Водовод и канализација“ ја ангажираше израелската фирма „Јутилитис“, која преку сателити може да снима и низ почвата. Израелците во две фази преку својата технологија треба да ги пронајдат дефектите. Во првата се откриени 237 дефекти, а втората треба да се заврши овој месец. За сателитското снимање ќе бидат платени вкупно 6 милиони денари или нешто помалку од 100.000 евра, односно првата фаза чини 2,5 милиони денари, а втората 3,5 милиони денари. Израелците со опремата што ја поседуваат досега работеле во 27 земји и снимиле над 200.000 километри водоводна мрежа и цевки. Ги прашавме во „Водовод и канализација“ ако загубите на вода им се 50 отсто како што самите информираа, дали можеби тоа не е резултат и на старите цевки во системот и кој ја плаќа загубената вода, дали можеби им се фактурира на сметките на правните или на физичките лица.
Потоа колкав дел од водоводната мрежа поради старост или помал капацитет поради експанзијата од градби најчесто има дефекти и во кои делови на Скопје. Оттаму тврдат дека причината за настанување дефекти во мрежата може да биде различна и тоа неквалитет и застареност на цевките во системот, потоа неправилно изградена водоводна мрежа на лоша подлога за цевките. Исто така воздух во мрежата, нагло отворање и затворање на затворачите, лошо изведени споеви на цевките, потоа недоволно осигурување на кривините, (анкерни блокови), замрзнување, и друго. Дефекти на мрежата велат дека се појавуваат секаде и не можат да посочат некој дел од градот каде што има помалку или повеќе дефекти. Но, напоменуваат дека експанзијата на градењето бара изградба и на нова хидротехничка инфраструктурна мрежа, водоводна и канализациска мрежа и објекти на мрежата со соодветен материјал и капацитет, или реконструкција на постојната мрежа.
Затоа е многу битно општините и градот Скопје да го следат развојот што е даден во деталните урбанистичките планови, не само во однос на објектите од високоградбата туку и за објектите од инфраструктурата и тоа секој во својот домен во зависност од тоа дали некоја улица е во градска или во општинска надлежност.
– Загуба на вода претставува разлика помеѓу произведена и продадена, фактурирана вода до корисниците. Во загуби на вода во градскиот водоводен систем содржани се: јавна потрошувачка или корисно употребена вода и губитоци на вода во системот, таканаречени технички загуби. Во јавната потрошувачка влегуваат загубите на вода од комунална потрошувачка и во нив спаѓаат потрошена вода преку јавни украсни чешми, фонтани и санитарни јазли, потоа потрошена вода за тековно миење на канализациска мрежа, потрошена вода за полевање зелени површини, дрвореди, расадничко и оранжериско производство, како и потрошена вода за миење на јавните сообраќајни површини тротоари, патеки, плоштади и друго. Во комерцијалните загуби ја вбројуваме потрошена вода од страна на неевидентирани корисници, водата што бесправно се користи преку хидрантите и потрошена вода преку отпишани – спорни сметки. Во технички загуби припаѓа поголем дел од загубите на вода во системот за водоснабдување и секако дека тука се вбројуваат загубите кај застарениот водоводен систем поради кој се случуваат дефекти, а секако и бесправно приклучените објекти на него, се главни причини поради што веројатно има повеќе неоткриени дефекти во мрежата – објаснуваат од „Водовод и канализација“.
Од претпријатието тврдат дека загубената вода е загубена, токму поради тоа што не е наплатена или фактурирана. Додаваат дека корисно употребената вода не се фактурира, а техничките загуби исто така не се регистрираат па токму затоа и ним им припаѓа поголемиот дел од загубите. Исто така велат дека сѐ уште имаат проблем со оние што со пивка вода наводнуваат бавчи и ниви.
Проблемите со бесправно приклучените објекти што крадат вода, велат дека е присутен и понатаму посебно во руралните средини. За справување со него прават акции за откривање диви приклучоци во соработка со претставници на селото или општината. Велат дека целта е единствена, да бидат исклучени или да станат евидентирани корисници на кои ќе им се наплаќа водата. Од претпријатието знаат за постоење на седум бунари од кои се користи техничката вода за наводнување на зеленилото. Тие се наоѓаат на територија на општината Аеродром во населбата Јане Сандански и во населбата Ново Лисиче. Постои, велат, изработена „Физибилити студија за искористување на подземните води за полевање на градското зеленило и миење на јавните сообраќајни површини“ изработена од ГИМ АД „Македонија“ за потребите на инвеститорот, градот Скопје, но не знаат до каде е сето тоа.
Од градот имаат објаснување дека посочената студија е за што повеќе да се користи подземната вода за полевање, а студијата ги посочува можностите и потенцијалите за ископ на бунари за техничка вода на територијата на градот Скопје. Истата студија веднаш по изработката е презентирана пред општинските градоначалници и, во согласност со договореното, доставена е до општините за натамошно постапување на општинско ниво, односно секоја општина да врши ископ на бунари на својата територија.