Како што е огромна потребата за дрвја, голема е потребата и за нивно редовно кастрење, одржување, но и целосно сечење на оние гнилите. Во услови на сѐ посилни невремиња, кои, за жал, се сѐ почести во Скопје, сувите гранки и дрвја се потенцијална опасност од предизвикување материјални штети или, не дај боже, човечки жртви. Токму затоа од огромна важност е редовната таканаречена санитарна сеча на старите дрвја, кои исушени стојат среде раскошните здрави дрвја, чекајќи го својот ред за сечење од страна на надлежните
Обележани дрвја со месеци чекаат некој да ги исече
Потребата за зеленило во градот никогаш нема да се намали, ако се земе предвид интензивното ширење на метрополата, која се чини уште малку време остана за да има милион жители. Паралелно со растењето на бројот на жителите, пропорционално расте и градежната експанзија, но, за жал, понекогаш „данокот се наплатува во зеленило“ за сметка на бетон и арматура. Голем број апели сѐ уште како ехо одекнуваат од граѓаните од минатото до денес, со цел заштита на градското зеленило. Голема штета е што голем дел од нив завршија безуспешно. Со сѐ поголемите појавени ефекти на климатските промени, го сфаќаме и значењето на ладовините и широките зелени крошни во летниот период. Но една друга појава деновиве е во фокусот, секако врзана за растенијата и дрвјата на јавните градски површини. Санитарната сеча на суви, гнили, стари дрвја и гранки, кои претставуваат реална опасност за граѓаните, за јавните и приватните имоти.
Како што е огромна потребата за дрвја, голема е потребата и за нивно редовно кастрење, одржување, но и целосно сечење на оние гнилите. Во услови на сѐ посилни невремиња, кои, за жал, се сѐ почести во Скопје, сувите гранки и дрвја се потенцијална опасност за предизвикување материјални штети или, не дај боже, човечки жртви. Токму затоа од огромна важност е редовната таканаречена санитарна сеча на старите дрвја, кои исушени стојат среде раскошните здрави дрвја, чекајќи го својот ред за сечење од страна на надлежните.
СТАРИ ДРВЈА ПОДГОТВЕНИ ЗА СЕЧЕЊЕ ГО ЧЕКААТ СВОЈОТ РЕД
Граѓаните на големо реагираат дека Скопје има голем број дрвја што го чекаат својот ред за сечење со месеци.
Велат дека токму тие дрвја при посилен ветер или, пак, невреме предизвикуваат огромна материјална штета, а се и сериозен ризик по животот на граѓаните.
– Градот е преполн со стари и исушени дрвја. Каде и да поминете каде што има големи дрвја, ќе забележите дека има обележани и кои, за жал, стојат така со месеци. Таква е сликата речиси во сите делови од градот. Јас сум поборник за да имаме зеленило и дрвја, но тие да бидат здрави и безбедни, а не да претставуваат општа опасност по сите нас. Во едно невреме спроти средното економско училиште „Арсени Јовков“, или поранешно „Моша Пијаде“, падна огромна топола. За среќа, падна на страната на паркот, а не кон улицата или кон куќите. Што ако тоа дрво повредеше некое дете? Јас знам дека надлежните исплаќаат помош во такви случаи, но животот на едно дете и не само на дете, туку на кој било човек, не може да се измери во пари – вели Љубица Димовска.
Дека тоа е така тврдат и многу други граѓани. Велат дека и кога ќе пријават високоризично дрво до надлежните, тоа стои со месеци, претставувајќи сериозна закана за животот и безбедноста на сите.
– Не може да се јавиш и уредно да пријавиш, а надлежните да ги нема да дојдат и да го исечат дрвото. Е сега уште поголем проблем е тоа што со секој изминат ден дрвото станува сѐ послабо, а со тоа и од него се заканува уште поголема опасност – вели Михајло Стојчевски.
НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ДРВЈА ЧЕКААТ РЕД ЗА СЕЧЕЊЕ
Градските власти велат дека процесот за сечење и кастрење на дрвјата е континуиран процес, кој се прави со посебно одобрение од страна на Секторот за комунални работи.
– До овој сектор секојдневно пристигнуваат барања од страна на компании, граѓани и куќни совети, по што екипи на секторот излегуваат на терен, јa утврдуваат состојбата и даваат соодветна одлука. Самото извршување на овие решенија ги вршат екипите на „Паркови и зеленило“, кои истите тие ги извршуваат според степен на приоритет, каде што доколку одредени решенија и локации имаат поголем приоритет истите тие можат да се извршат побрзо од други. Треба да се земе предвид дека сепак претпријатието има ограничени човечки и технички капацитети и се случува извршувањето на одредени решенија да се одложи на одреден временски период – информираат градските власти.
Оттаму нагласуваат дека не е возможно точно да се каже колку решенија чекаат на реализација, бидејќи секој ден се прават нови решенија, а секој ден екипите на „Паркови и зеленило“ извршуваат решенија.
СЕ ПЛАЌААТ ОБЕСШТЕТУВАЊА
Доколку падне дрво и на граѓаните им ги оштети возилото, покривот од куќата, оградата или, пак, повреди некој случаен минувач, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за сето тоа плаќа обесштетување.
Надоместок за обесштетување се исплаќа само во случај кога дрвото што паднало е обележано, односно претпријатието има добиено решение за негово сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
Во случај на паднато дрво или гранка врз нечиј имот, потребно е да се испочитува постапката и оштетениот најнапред да ги извести МВР и ЈП „Паркови и зеленило“ за да се направат увид и записник на местото на настанот за констатација на состојбата.
Потоа самиот оштетен прави фотографии како доказ (доколку е во можност) и поднесува барање за обесштетување, по што се прави пријава на штетата што ја изработува лицето за осигурување од ЈП „Паркови и зеленило“, која потоа се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување. Доколку се работи за елементарна непогода, тогаш претпријатието не врши обесштетување.