Комплетно е завршена реконструкцијата на улицата Трифун Бузев, која се наоѓа близу основното училиште „Петар Поп Арсов“, во скопската населба Карпош 4. Целосно е обновен коловозот во должина од 85 метри, а санацијата ја изведоа службите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, преку договор за меѓуопштинска соработка, претходно склучен со локалната самоуправа. Како што информираат од општината Карпош, во наредниов период ќе продолжат да работат на подобрување на инфраструктурата на својата територија и, според планираното, ќе следува и реконструкција на улицата Хелсинки во населбата Тафталиџе, а потоа и санација на улицата Новопроектирана во населеното место Криви Дол.
– Продолжуваме со рамномерно и планско подобрување на инфраструктурата во сите урбани заедници, откако изминатиов период се реконструираа улиците Карпошово востание, Варшавска, Даскал Камчев, Њуделхиска, потоа дел од Гиго Михајловски. Градот Скопје, пак, обезбеди санации и за улицата Љубљанска, Московска и поголем дел од булеварот Партизански одреди -информираат надлежните од општината Карпош.