Од ЈП „Водовод и канализација“ тврдат дека уличните дефекти некогаш се случуваат поради дотраеност на мрежата, некогаш поради случајно предизвикан дефект од страна на трето лице итн., а некогаш од непознати причини
Речиси да нема ден, а граѓаните од некој дел од Скопје да не добијат соопштение во кое од „Водовод и канализација“ информираат каде во градот ќе биде прекинато водоснабдувањето. Како најчеста причина за тоа се уличните дефекти (пукната цевка на улица или на тротоар) што се случуваат и поради кои понекогаш со часови се останува без вода. Скопјани велат дека дефектите се случуваат, но прашањето е зошто се толку чести. Некои сметаат дека многупати при изведувањето градежни активности се копа нестручно и се прекинуваат цевки, а други, пак, се со став дека со прекумерната урбанизација и со издигањето цели згради во населбите каде што претходно имало куќи, едноставно не бил предвиден толкав капацитет на водоводната мрежа, па од таму доаѓа до често пукање на цевките.
Но од претпријатието тврдат дека дефекти се случуваат од најразлични причини. Понекогаш поради дотраеност на мрежата, некогаш поради случајно предизвикан дефект од страна на трето лице и од многу други причини. И вчера имаше прекинато водоснабдување за дел од жителите на општината Чаир. Поради дефект на улицата Дижонска 65, прекинато водоснабдување имаа дел од оние што живеат на истоимената улица. Прекинот со водоснабдувањето се случи во 9.40 часот и траеше до завршување на активностите на екипите што беа на терен. Повеќе часови без вода вчера останаа и дел од корисниците од селото Усје, поради промена на регулатор на местото викано Дупка. Дефект имаше и на улицата Бапчор 12 во скопската населба Автокоманда, а прекинато водоснабдување имаа сите што живеат на улиците Ташко Караџа и дел од жителите на улиците Трифун Хаџи Јанев и Христо Ботев. Само пред три дена на почетоков на месецов имаше уличен дефект во населбата Припор, а месното население остана без вода по 16 часот, периодот кога сите се враќаат од работа и не знаат кога ќе добијат вода за да ги обезбедат сите хигиенски услови. На 31 октомври имаше уличен дефект во општината Бутел на крстосница Бутелска со улицата Марко Крале, а неколку часа без вода беа сите со адреса на улиците Марко Крале, Рудо, Љуба Петровиќ, Бутелска, Коле Канински, Мрежичка, Мостарска, Зуфер Мусиќ, Призренска, Приштинска, Дабница. Зошто речиси секојдневно се случуваат вакви дефекти ги прашавме одговорните од ЈП „Водовод и канализација“. Тие велат дека не постои вистински одговор за тоа зошто се случуваат дефекти.
– Некогаш се случува поради дотраеност на мрежата, некогаш поради случајно предизвикан дефект од страна на трето лице итн. Исто така прекини на водоснабдувањето се појавува и поради приклучување на новоизградени водоводни линии во постојниот систем или поврзување на нови водоводни приклучоци. Дефектите што се случуваат воопшто не се само во делови со стари цевки (каде што нашата тенденција е реконструкција и замена на старите со нови линии), има делови од градот во кои има постари цевки, но тие секако не се пример за чести дефекти – информираат од претпријатието.
Оттаму објаснуваат дека зголемувањето на бројот на корисници на една мрежа не е голема причина за зголемен број дефекти. Зголемувањето на должината на водоводната мрежа низ градот носи со себе и поголеми барања како при одржување така и при реконструкција на истата таа, но тоа не претставува проблем што би предизвикувал сериозни дефекти, односно прекини на водоснабдувањето.
Во „Водовод и канализација“ ги прашавме дали имаат доволно пари, колку успеваат да фатат чекор со обновувањето на водоводните мрежи во однос на постојаното зголемување на бројот на корисниците, особено во деловите на Скопје каде што на местото на поранешни куќи никнуваат цели станбени згради, па бројот на корисниците се зголемува педесеткратно.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје секоја година одвојува солидна сума на средства за реконструкција на постојни и изградба на нови водоводни линии во градот Скопје со што ја држи во кондиција и ја надградува постојната водоводна мрежа – велат од претпријатието не кажувајќи бројка за колку пари станува збор. Не одговорија ниту на прашањето колку сета оваа урбанизација е во согласност со можностите на водоводната мрежа. За одговор нѐ упатија до експертите за урбанизам во општините.
Инаку ЈП „Водовод и канализација“ неодамна констатираше дека загубата на вода во Скопје изнесува 50 отсто. Од претпријатието не криеја дека дел од оваа загуба е реална и се однесува на наводнување на зелените површини, чистењето на улиците, јавните хидранти и чешмите што се поставени, но како што тогаш информираа она што особено ги загрижува е проблемот во цевководниот систем, односно проблеми што не се видливи за голо око, а кои реално претставуваат техничка загуба на вода. За да ја спречи или да ја намали оваа загуба претпријатието ја ангажирало израелската компанијата „Јутилис“ за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во главниот град. Со нивниот ангажман тогаш не само што беа намалени оперативните трошоци на јавното претпријатие, туку како што констатираше и првиот човек на претпријатието Душко Весковски беше подобрено и водоснабдувањето на жителите на Скопје.