Автомобили и камиони влегуваат преку плоштадот и во чаршијата, тврдат луѓе од еснафот. Никој не може да ги спречи несовесните, а штетите се навистина големи. Автомобили се возат и покрај кејот на Вардар, од хотелот „Холидеј ин“ до Градскиот плоштад
Пропаднати и искршени бетонски плочки и пропаднати и превртени капаци од шахти, а на дождливово време дупки полни со вода. Ова е сликата за плоштадот „Филип Втори“, чија површина е во очајна состојба. Оние што често се движат или работат во овој дел од градот тврдат дека површината на плоштадот е речиси целосно уништена од големиот број возила што влегуваат и минуваат по неа. Нивната тежина и честото минување се причина за искршените бетонски плочки и пропаднатите шахти, кои, секако, претставуваат опасност за пешаците, особено во вечерните часови. Токму поради тоа плоштадот не е тоа што беше. Во ноќните часови граѓаните се сопнуваат на искршените и превртени плочки, а на нив налетуваат и сите туристички тури што поминуваат низ градов. Неоспорно, на плоштадот му е потребна итна реконструкција.
Дали градот планира да го реконструира и колку ќе го чини тоа, не добивме одговор.
Инаку, плоштадот „Филип Втори“ е всушност и влез во Старата скопска чаршија и е мошне фреквентна пешачка локација. Тој претставува комплекс од четири фонтани со скулптури на Филип Втори и Олимпијада, мајката на Александар Македонски. Но и таму пропаѓаат камените плочки. И во чаршијата состојбата не е поинаква, бидејќи постојано влегуваат возила, и тоа не само автомобили туку и поголеми камионети, тврдат луѓе од еснафот на чаршијата. Никој не може да ги спречи несовесните, а штетите се навистина големи. Сега дури и некои од дуќанџиите влегуваат со автомобили. Некој мора да го санкционира и спречи влегувањето со возила како на плоштадот, така и во чаршијата.
За изградбата на плоштадот „Филип Втори“ беа потрошени 11 милиони евра. Се потрошија пари и за реконструкција на дел од чаршиската калдрма и уништените канделабри. И покрај тоа, сега како никој веќе да не се грижи за направените штети, како ни да ги спречи причините за нивното настанување. Уништени се и хидрауличните столпчиња, кои пред неколку години ги постави општината Чаир, токму за да го спречи влегувањето со возила. Не помогна ниту портата што беше изградена од страната на Бит-пазар, на влезот на улицата Битпзарска.
Старата скопска чаршија отсекогаш била атрактивен простор за сите патеписци и посетители на Скопје, како во минатото така и сега. Турскиот патописец Евлија Челебија, при својата посета на Скопје во 1660-1961 година, забележал дека чаршијата има 2.150 дуќани.
– Вандали се луѓето што се однесуваат вака, можеби и ова не е соодветен израз. Ќе речам тие што влегуваат со возила во чаршијата се несовесни луѓе што тука работат, значи физички се тука присутни, доаѓаат на работа, а самите си го уништуваат местото каде што престојуваат по цел ден. Ако тие самите го прават тоа, што да речам за други што доаѓаат од страна. Влегува од автомобил до камион. Општината Чаир правеше обиди да ги спречи, но не успеа, а полицијата не реагира. Многупати сум го видел тоа и го знам од лично искуство. Улиците се пешачки зони и по нив не треба да се дозволи одвивање сообраќај. Токму поради тоа се оштетени и полни со дупки и вирови вода на дождов. Мора да се знае кога ќе има утовар или растовар, кога може да се влегува или излегува во чаршијата – вели Џеладин Асани, златар, кујунџија и мајстор за филигран, кој работи во чаршијата.
И од општината Чаир признаваат дека тешко е да се справат со оние што со возила влегуваат во овој дел на градот.
– Ќе распишеме тендер за набавка на нови хидраулични столпчиња, бидејќи старите што ги имавме поставено се уништени. Ќе мора комплетно да се смени системот, а за тоа се согласни и луѓето од еснафот на чаршијата. Влегува кој како сака и кога сака и тоа е навистина голем проблем, па токму затоа ќе треба да се затворат сите влезови.
Одделението за урбанизам е запознаено со проблемот и веќе ја подготвува документацијата за распишување тендер. Не се уништува само калдрмата туку и канделабри, па правиме напори да ги менуваме оние што се оштетени. Неколку институции се одговорни за чаршијата, но нема конзистентност помеѓу нив, па проблемите потешко се решаваат – вели Куштрим Ала, портпарол од општината Чаир.