Лошо одржување на хигиената во метрополата
Наместо цвеќиња, во парковите има расфрлано ѓубре, а хартиите и амбалажата се дел од декорот околу клупите во парковите. Комуналните редари во 2018 година напишале 901 записник и изрекле најмногу мандатни казни од областа на комуналната хигиена во градот
Расфрлани најлонски ќесиња, догорчиња од цигари, амбалажи од разни производи, хартии и што ли уште нема исфрлено на јавните површини во градов. Наместо цвеќиња, во парковите има расфрлано ѓубре, а хартиите и амбалажата се дел од декорот околу клупите во парковите, остатоци што, веројатно, ги оставиле зад себе оние што штотуку заминале. Преполнетите контејнери и расфрланото ѓубре околу нив веќе со години се постојана слика по населбите. Дополнение на сите овие грди слики покрај контејнерите се старите каучи или други делови од мебел, тоалетни школки и керамички материјал од веќе реновираните бањи. За жал, ваквите слики не се гледаат само во приградските населби, туку се постојан декор и во централното градско подрачје. Така е, за жал, и во Градскиот парк, покрај кејот на реката Вардар каде што многумина уште од раните утрински часови заминуваат да спортуваат или да се рекреираат. Велат дека таму наидуваат на ѓубре, неискосени тревници, фонтани што не работат, расфрлани отпадоци од лимени конзерви до употребени шприцеви од наркомани. Велат дека кејот е сосема запуштен, а градската плажа пуста и заборавена. За левиот брег од реката не треба и да се кажува, бидејќи никогаш и не бил среден. Ова не е слика на европско Скопје. Летото веќе почна, туристите се тука, а прво што ќе видат и ќе забележат е дека градот е валкан и преполн со ѓубре. Не можат да го исчистат ниту комуналците, ниту членовите од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, кои со максимални напори прават сѐ за да ја издигнат свеста за почист град.
– Не се знае дали комуналците не чистат доволно или, пак, граѓаните повеќе валкаат отколку што тие можат да исчистат. Не знам уште колку време ќе ни биде потребно за да ја издигнеме нашата свест во однос на тоа како треба да ја чуваме комуналната хигиена, бидејќи се фрла ѓубре насекаде. Фрла кој каде што ќе стигне, па се фрлаат полни ќесиња дури и од балконите и тоа завршува пред нашите згради. Забележувам како наутро комуналците ја чистат автобуската станица преполна со ѓубре, ги празнат кошниците за отпад, а попладне кога се враќам од работа сликата е полоша од онаа пред да исчистат. Не знам како може толку догорчиња од цигари и хартии да бидат расфрлани по тротоарите, ако имаме закон за јавна чистота според кој се пропишани казни од 50 евра за секое фрлено догорче. Кога би имало казни, никој нема повеќе да фрла таму кај што не треба. Како сите ние се однесуваме кога ќе одиме во некоја странска земја, а како потоа кога се враќаме дома – вели скопјанка од општината Бутел. За жал, неодговорното депонирање на отпадот е евидентно дури и во централното градско подрачје. Домашните преполнети најлонски ќесиња се остават во малите кошнички за ситен отпад, а ѓубре има и по парковите, мостовите.
– Во текот на 2018 година, од Одделението за комунална инспекција имаат напишано 210 решенија за прекршоци, во однос на сите области што ги покрива ова одделение. Од Одделението за комунални редари, кое санкционира прекршоци од областа на Законот за јавната чистота, каде што истите тие се со мандатни казни од 50 евра, се напишани 901 записник и се изречени мандатни казни, најголем број од оваа област – велат од градот Скопје.
„Комунална хигиена“, градот Скопје и општините, не успеваат ни приближно да ги исчистат градот и населбите и да ја одржуваат хигиената на пристојно ниво. Од друга страна, пак, хигиената и навиките на некои од граѓаните се на најниско можно ниво. За жал, има и лоши примери за однесувањето на комуналците, а токму еден таков пример беше споделен на социјалните мрежи. На видеоснимка, која завчера се појави, се гледа како комунален работник преку мост со лопата го фрла собраното ѓубре во реката Вардар. Најчестиот коментар на оние што го погледнале видеото беше дека за хигиената во градот не се грижат ниту оние што се одговорни за неа.
Грдата слика за нечистиот град се дополнува со изметот од домашните миленичиња (кучиња). Нивниот измет може да се сретне во големи количества во парковите и особено на пешачките тротоари. Очигледно е дека градските власти им прогледуваат низ прсти на нивните сопственици, кои по закон имаат обврска да го собираат изметот од своето куче. Ретко кој го прави тоа, а казни нема.