Започна реконструкција и на коловозот на булеварот Крсте Петков Мисирков, од раскрсницата кај судската палата до клучката на Бит-пазар во општината Чаир. Според планираното градежните зафати ќе траат еден месец, а вредноста на овој проект е околу 20 милиони денари.
– Градот Скопје денеска започнува целосна и темелна реконструкција на булеварот Крсте Петков Мисирков на потегот од раскрсница кај судската палата до клучката на Бит-пазар, во должина од 1.350 метри во двете насоки. На одредени места, за да се добие поквалитетна сообраќајница, ќе се изврши и подобрување на подлогата со тампонски слој. Во наредните 30 дена ќе изработиме една квалитетна инфраструктура, која е сериозно оштетена во овој дел на градот – рече вчера градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Од градот Скопје побараа разбирање од граѓаните додека траат градежните активности и упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува градот Скопје.