Екипите на Град Скопје ја почнаа втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток. Градежни работи ќе се изведуваат на траса долга околу еден километар, а покрај реконструкцијата на постојниот коловоз, предвидено е и негово проширување на четири сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделно зеленило и мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
На почетокот на градежните работи за реализација на овој капитален проект присуствуваа градоначалникот Шилегов и градоначалниците Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Висар Ганиу.
– Град Скопје почнува со втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев. Оваа пролет завршивме со првата фаза од реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од клучката кај Бит-пазар до крстосницата кај касарната „Илинден“, во вкупна должина од 1.440 метри, а денеска почнуваме со градежни активности за изградба на булевар во должина од околу еден километар. Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница, која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и оние што само минуваат низ овој дел на градот.
Во текот на градежната офанзива за оваа година во рекордно кратки рокови беа реконструирани дваесетина главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини. Реконструираните улици се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, го продолжуваат рокот за амортизација на возилата и ги нема дупките по улиците што порано беа карактеристични за нашиот град. Новата инфраструктура, каква што не сме ја имале досега е мој императив, но и императив на другите градоначалници. Чекор по чекор влегуваме во една сериозна обнова на Скопје – истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед-осветлување од двете страни. Реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување нова подземна инфраструктура онаму каде што е
потребно од страна на различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи се очекува да завршат во рок од шест месеци.
Градоначалникот Шилегов апелира граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува Град Скопје. Тој додаде дека покрај реконструкциите на постојните улици се работи и на наоѓање модерни и одржливи сообраќајни решенија што ќе ги зголемат ефикасноста на градскиот сообраќај и одржливоста на урбаната мобилност во градот.