По повод 9 Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата – е организирана урбана акција во рамките на која се поставени десетина пораки на јавни места посветени на судството, образованието, царината – области во кои царува корупцијата.

– За жал, РС Македонија со години ја губи оваа битка и е една од најкорумпираните држави во Европа (минатата година од 44 држави во Европа, само две земји беа рангирани како покорумпирани од РС Македонија). Реномето за длабоко корумпирана земја го одржуваме со години, а корупцијата секојдневно го нагризува и она малку здраво ткиво што остана во државата – велат организаторите на акцијата.

Тие додаваат дека акцијата ја посветуваат на сите оние што заглавени во безизлезните лавиринти на нефункционалната администрација немале кому да му се обратат за да завршат работа или да остварат некое свое право и на крајот подлегнале и се вклучиле во синџирот на митото и корупцијата иако биле свесни дека и самите прават кривично дело, но немале друг излез.

„Инспирацијата за оваа акција, во која експлицитно споделивме десетина пораки, потекнува од вистински приказни и ситуации во кои се нашле неколкумина наши сограѓани кои своите приказни ги споделија со нас, што значи дека цитатите се вистински, а имињата се измислени. Темите на судството, образованието, царината… се само случајно избрани од многуте теми во нашето општество, во кое царува корупцијата – се вели во соопштението.


Истражување: Македонија со умерен ризик за корупција

Македонија за првпат заедно со 14 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) беше опфатена во програмата Индекс за интегритет на владите во секторот одбрана на Транспаренси интернешнл. Индекс за интегритет на владите во секторот одбрана обезбедува детална оценка на ризиците од корупција во институициите на националната одбрана со оценување на секоја држава во пет клучни области на ризик: финансиска, оперативна, персонал, политичка и јавни набавки.

Македонија е оценета со просечна оцена 62 (оцена Ц) – умерен ризик заедно со Босна и Херцеговина, Естонија, Грузија, Литванија и Полска. Оценувањето по главните области на ризик за корупција за РСМ е: политички ризик – Ц 66 бода, финансиски ризик – Ц 59 бода, ризик на персонал – Б 79 бода, ризик од работење – Д 38 бода и ризик на набавка – Б 68 бода.

Просечна оценка за регионот е 48/100 што означува висок ризик од корупција. Црна Гора е оценета со „висок ризик“ со резултат 32, додека Азербејџан има резултат 15 со што влегува во категоријата на „критичен ризик“. Високиот степен на транспарентност ја прикажува Латвија како најдобра во регионот со резултат 67 што означува „низок ризик“ од корупција и Република Северна Македонија како втора рангирана во ЦИЕ со резултат 62 што означува „умерен ризик” од корупција. Авторитарните влади го имаат намалено парламентарниот надзор (Полска) и го ограничиле пристапот до информации (Унгарија), со што ја ограничиле клучната област за јавна дебата и надзор.

– За да се постигне подобар напредок и да се зајакне доброто владеење во областа на одбраната Транспаренси Интернешнл – Македонија ја повикува Владата да ја почитуваат независноста на Собранието и институциите за надзор и да им ги обезбедат информациите и времето коешто им е потребно за да ја извршуваат својата надзорна улога, да се зголеми ефикасноста на законот за укажувачи и да се гарантира транспарентен и ефективен пристап до информации како и поголема транспарентност во врска со информации во областа на националната безбедност – изјави Слаѓана Тасева претседател на ТИ Македонија.

– Дозволете да го изразам моето задоволство што успеавме да се искачиме на високото второ место на листата од сите земји на централна и источна Европа кои се опфатени во истражувањето. Пред нас е само Летонија. Зад нас се сите земји од нашиот регион. Успеавме да бидеме подобри од 4 земји кои се веќе членки на ЕУ и од 6 земји кои се членки на НАТО од многу поодамна. Направивме силен пробив во транспарентноста и интегритетот во работењето. Покажавме дека можеме да обезбедиме европски вредности и стандарди дома – изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.