Продавачите на пазарските тезги излегоа на протест, застанаа на улица и го блокираа Бит-пазар, а се собраа и пред Собранието на Република Македонија. Пазарџиите вчера рекоа дека се револтирани од она што им го наложува новиот закон, од дополнителните обврски и зголемените давачки што треба да ги платат за да можат да обезбедат лиценци. Тие бараат законот да се повлече или да се одложи, бидејќи со заработката од пазарските тезги едвај можат да си обезбедат егзистенција, а не пак да плаќаат и давачки. Како што кажуваат пазарџиите, тие за да можат да излезат на пазарска тезга сега, ќе мора за лиценца да издвојат 3.600 денари, а доколку имаат намера да закупат и втора за тоа ќе мора дополнително да издвојат уште 2.400 денари.
Новиот закон исто така не им дозволува повеќе да работат на пазарите пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците, а лиценците за работа на пазарџиите ќе им ги издава Стопанската комора на Македонија. Протестот на пазарџиите вчераутро го блокира градот, а градскиот сообраќај се одвиваше по алтернативни маршрути, за да можат потоа автобусите да се вклучат на постојните траси. Пазарџии потврдија дека нивни претставници вчера влегле во Собранието да ги изложат своите барања.
Екрем Долек, претседател на Комората на трговците и на здружението на пазарџиите „Просперитети“, рече дека портите на Бит-пазар и на Зелен пазар вчераутро биле затворени со катанци, а ги затвориле вработени на „Скопски пазар“, организаторот на пазарите.
– Се чудиме што им пречи законот во „Скопски пазар“, кој е организатор на пазарите. Законот за пазарџиите е различен од оној за организаторите на пазарите. Она што ние бараме за пазарџиите е сите давачки кон државата да бидат одредени со паушал, да не се ангажираат книговодители, да се плаќаат придонеси. Се прашуваме која е болката на организаторите на зелените пазари. Ако ова се случува и на други пазари низ земјава, тогаш се крие нешто поголемо. Организаторите на пазарите не се изјаснуваат што бараат, но секако не смеат да ги уценуваат пазарџиите. Надлежните мора да преземат нешто – рече вчера Долек.
Од „Скопски пазар“, вчера до затворањето на весникот не стигнаа да ни одговорат дали тие ги затвориле пазарските порти и дали имаат удел во вчерашниот протест, но најавија одговор за подоцна. Пазарџии што вчера беа на протестот рекоа дека штрајкувачкиот одбор на пазарџиите ги затворил пазарските порти, затоа што пазарџиите излегле на протести вчера и не сакале да работат, а не „Скопски пазар“.