Стопирана е изградбата на деветкатницата во зеленилото кај Мајчин дом, но случајот во Аеродром само ја отвори одамнешната рак-рана на градот, во кој сѐ повеќе се узурпира зеленилото за сметка на бетонските градби, од кои граѓаните веќе се задушуваат. Сѐ погласни се реакциите на скопјани, бидејќи и онака ги немаа европските стандарди за зеленило по жител, а сега го има уште помалку. Револтирани се од непланското градење, од општинските детални урбанистички планови правени за нечии политички или бизнис-интереси, од постојаните влијанија на елитите за сопствени цели, а граѓаните се само жртви. Не сакаат да живеат во станбени згради што се веднаш до улица, без паркиралишта или детски игралишта, без паркови и со балкони што гледаат во нечија спална соба. На крајот се задушуваат од сето ова и од загадениот воздух, бидејќи полека исчезнува зеленилото, единствениот прочистувач на воздухот, како што ја снемува и половина вегетација на Водно.
Градењето повеќекатници на место на некогашни индивидуални куќи, во некои делови од градот, исто така им го нарушува секојдневното живеење на скопјани. Сѐ погласно граѓани бараат ревизија на некои од општинските ДУП-ови, а тоа засега го направи единствено општината Центар, која најде правна аргументација и стави мораториум на некои од плановите. Не може сите планови да се носат со грубо кршење на пропишаните процедури. Овој урбанистички хаос и создавањето бетонска џунгла во градот траат одамна, а некои од скопските градоначалници во своите предизборни кампањи ветуваа дека повеќе нема да го дозволат тоа и дека особено нема да дозволат да се гради на зелени површини. Пред некој ден и од политичката партија ДОМ побараа општината Аеродром да направи ревизија на ДУП-овите по примерот на Центар.
Градењето повеќекатница во Аеродром врз зелена површина не е единствениот случај кога граѓаните го кренале својот глас. Реагираа и жители во Тафталиџе, кога се градеше зграда во дел од парк на улицата Прашка. И во општината Чаир, која важеше за една од општините со најголеми и најстари паркови, исто така се изградија неколку станбени објекти. Најпрво повеќекатницата спроти поликлиниката „Чаир“, која одзеде голем дел од парковското зеленило, а пред неа и мини-трговскиот и станбен блок во паркот на улицата Крсте Асенов, а никој не го слушаше гласот на граѓаните. Никна зграда и на зеленилото зад кулата на улицата Павле Илиќ, веднаш спроти ресторанот „Бизнис“, која е надвисната над градинката во Чаир. На детско игралиште и парковска површина се издигна повеќекатница и во Кисела Вода, на улицата Михаил Чаков.
Иако и таму имаше реакции од страна на станарите на веќе постојната зграда А3 дека со новите соседи ќе си гледаат во спалните соби, објектот сепак беше изграден, како и оној пред повеќе години зад А3, кој се изгради на кошаркарско игралиште. Граѓаните не сакаат повеќе никој да им одзема дел по дел од она што им припаѓа и им е повеќе од неопходно во урбаното живеење. Плашејќи се за одземањето на јавниот простор сѐ повеќе гласно шпекулираат за тоа што каде ќе се гради и сѐ повеќе се заинтересирани за оваа проблематика. Повторно гласно се зборува за изградбата на стокатниците на паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, потоа за изградба на повеќекатница кај бензинската пумпа на „Макпетрол“ во Карпош, за хотел во дворот на поранешна „Алумина“, за нова населба спроти „Расадник“ во Кисела Вода, како и за изградба на зграда на 12 ката на аголот на Ново Лисиче, спроти паркот со авион. Ги прашавме во Карпош, Аеродром и во Центар што од ова е навистина точно, какви објекти и инфраструктура наскоро ќе се гради, има ли ревидирани планови…
– Зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ во Карпош 3, во согласност со важечкиот Детален урбанистичи план за градска четврт З 05, блок 6, донесен уште во септември 2013 година (кој сѐ уште е ви сила), на посочената локација е предвидено изградба на станбена зграда А2, со параметри П+26+ПК (поткровје), или висина од 88 метри. Оваа висококатница е вцртана во времето на поранешната општинска власт и е во согласност со Генералниот урбанистички план, кој е донесен во 2012 година.
Сегашното општинско раководство има став дека ваквите објекти, со толкави параметри, се нехумани градби. Што се однесува до тоа чие е земјиштето, ние имаме сознание дека е приватно. Што се однесува до другите две локации, онаа кај „Алумина“ (градска четврт З 06) и кај „Имес“ (градска четврт З 04), тие се во рамките на двата ДУП-а што се укинати од страна на Уставниот суд. По укинувањето на деталните урбанистички планови, општината започнува постапки за носење нови ДУП-ови – велат од општината Карпош.
Оттаму додаваат дека сите ДУП-ови што се донесени по датумот на донесување на ГУП-от во 2012 година се усогласени со него, а оние ДУП-ови што се донесени (а сѐ уште важечки) пред донесување на ГУП-от, не се во целост усогласени. Поточно, сѐ што е затекнато како констатирана постојна состојба е усогласено со ГУП.
– Периодот на изработка на нови детални урбанистички планови е во зависност од интересот што го имаат самите граѓани, од инвеститорите, како и од потребите и приоритетите на општината, за конкретниот ДУП, односно градската четврт. Со Законот за просторно и урбанистичко планирање точно е утврдена постапката за носење ДУП, а со неа граѓаните се директно вклучени во неговото „обликување“, во делот на јавната анкета и презентацијата на предлог-планот, која се врши пред засегнатите граѓани. Потоа, граѓаните ги даваат своите забелешки преку пополнување анкетни листови, кои во натамошната постапка се земаат предвид од страна на општината како нарачател и на планерската фирма како изработувач на деталниот урбанистички план – објаснија од Карпош.
Ги прашавме и во Аеродром што нудат актуелните ДУП-ови, какви градби ќе се градат, на колку ката, каква инфраструктура се планира. Оттаму нѐ упатија на нивната веб-страница, од каде што ни рекоа дека можеме да се информираме за сите ДУП-ови.
– Ве молиме да го земете предвид фактот дека општината Аеродром опфаќа голема територија, со голем број урбанистички планови. За секој од нив можете да се информирате од нашата веб-страница, каде што се објавени – одговорија од општината Аеродром.
Ги прашавме и во Центар дали повторно е актуелна изградбата на стокатниците спроти „Холидеј ин“, кој ќе гради, чие е земјиштето, за колку згради повеќекатници станува збор. Оттаму ни нагласија дека мораториумот за стопирање градби на територијата на општината Центар е активен до 15.12.2018 и конкретниот ДУП спаѓа во групата ДУП-ови опфатени со мораториумот. Додека е активен мораториумот, не смее да се собираат нови барања и да се издаваат нови дозволи за градби.
– Претходниот ДУП, кој беше во сила од 2007 до 2012, Голем ринг јужен дел исток, опфат меѓу улиците Васил Аџиларски, реката Вардар, булеварот Кочо Рацин и улицата Мирче Ацев, е донесен во 2007-та, а со него на тоа место се предвидува изградба на стокатници. Со неговите измени и дополнувања, на тоа место се предвидува изградба на стокатници. Со измените и дополнувањата на истиот план од 2012 година се намалува катноста, а со актуелниот ДУП на тоа место е предвидена изградба на стокатници. Во моментов, Секторот за урбанизам на општината Центар активно работи на донесување на новиот ДУП, градска четврт Ц 08 Ново Маало 2, кој ќе биде во согласност со ГУП-от на градот Скопје од 2012 година – велат од Центар.