Граѓани забележале дека ДУП-овите се изложуваат најчесто во простории од некој зафрлен објект од општината и дека можат да се видат само во работно време, па токму поради работните обврски повеќето од нив во некои од општините не се во состојба да ги видат. Некои скопјани коментираат дека на тој начин тие се спречени да ги дадат своите забелешки, па потоа им се гради на површини, кои се обидуваат да ги спасат, но секогаш без успех
Граѓани на Скопје често реагираат на појавата на уништување на отворените површини и зеленило за сметка на реализација на детални урбанистички планови по секоја цена. На тоа се надоврзува фактот дека, всушност, граѓаните последни дознаваат што ќе се гради во нивната општина. Многумина од нив сметаат дека општините се недоволно транспарентни кога се во прашање ДУП-овите, па дури и дека тие воопшто не ги задоволуваат нивните граѓански потреби. За волја на вистината, некои од општините своите актуелни ДУП-ови ги изложуваат на своите веб-страници, а некои, како општината Сарај или Чаир, воопшто немаат креирано страници за нивно прикажување. Некои од општините, исто така, на своите веб-страници ги објавуваат и информациите за одржување на јавните презентации и јавните анкети по одредени детални урбанистички планови за одредени градски делови, во траење од неколку дена.
Забелешките на скопјани се однесуваат на тоа дека, како по некоја стара навика, ДУП-овите намерно се кријат и се изложуваат во простории од некој зафрлен објект од општината и можат да се видат само во работно време. Токму поради работни обврски многумина од заинтересираните жители не се во состојба да ги видат, за да можат да ги упатат своите забелешки во анкетните листови. Од друга страна, пак, додаваат други, на јавните презентации треба стручни лица детално да им објаснат на присутните граѓани што во одредена градска четврт ќе се гради, бидејќи сите не знаат да ги читаат ДУП-овите, сите немаат познавања од урбанизмот.
Жители на Аеродром велат дека за планот на општината да гради градинка на местото на игралиштето на основното училиште „Блаже Конески“ дознале откако ги виделе машините во училишниот двор. Тие со пароли „Не го даваме теренот“ беа излезени на протест, јавно кажувајќи дека не се против изградба на градинка, но не по цена да им се уништи на децата единствениот спортски терен на тој дел од општината. И многумина од жителите на Кисела Вода беа изненадени од планот во Расадник да се изградат 100 згради, иако тој бил изложен во општината.
Ги прашавме во општината Чаир колку се транспарентни и како ги запознаваат граѓаните со ДУП-овите за да знаат каде што се планира да се гради, каде ги презентираат, кога била последната јавна анкета и по кој ДУП, имало ли забелешки од граѓаните и колку тие биле прифатени. Но иако ни ветија одговор, не ни го доставија во текот на вчерашниот ден. Не се јавуваше на својот мобилен телефон ниту градоначалникот на општината Сарај.
– Советот на општината Ѓорче Петров деталните урбанистички планови ги дебатира и гласа транспарентно на јавна седница, отворена за јавноста и медиумите. На тоа, односно пред ДУП-от да се најде на дневен ред на седница, претходат јавни анкети. Соопштението, односно информацијата за јавните анкети, се објавува на веб-страницата на општината Ѓорче Петров и дополнително во електронскиот систем е-урбанизам и во дневни весници. Анкетите се одвиваат во урбаните заедници во урбаниот дел и во месните во руралниот дел, обично во текот на работното време и досега сме немале забелешки во однос на тоа. За ДУП-овите честопати граѓаните се интересираат и на приемните денови во општината секој вторник, кога имаат можност да разговараат со надлежните. Граѓаните обично покажуваат интерес за претставување на деталниот урбанистички план и доколку е во согласност со законската регулатива и соодветните подзаконски акти, и ако има соодветни услови, секако дека се прифаќаат нивните забелешки – објаснуваат од општината Ѓорче Петров.
Пребарувајќи по општинските веб-страници наидовме на една објава за јавна презентација и јавна анкета по предлог-детален урбанистички план за градска четврт ЦС 11 Блок ЦС 11.03 на општината Гази Баба, каде што стоеше дека истиов предлог-ДУП ќе биде изложен во просториите на урбаната заедница Автокоманда, во рок од пет работни дена (од 11.11.2019 до 15.11.2019 година), секој работен ден од 8 часот до 16 часот. Ова значи дека навистина оние што се на работа не ќе можат никако да стигнат да го погледнат, освен ако не отсуствуваат од работа. Тоа исто така значи дека во определениот рок граѓаните не ќе можат да ги дадат ниту своите забелешки и предлози, па оттаму и ќе поминат ваквите планови со мала или без никаква граѓанска сугестија. На слична објава за измени и дополнувања на предлог-ДУП за градска четврт И 11 Блок 13 наидовме и на веб-страницата на општината Аеродром, каде што стоеше дека планот бил изложен во УЗ Мичурин од 20 септември до 1 октомври секој работен ден од 9.30 до 17.30 часот. Имало и јавни презентации напладне, значи во интервали кога повеќето од граѓаните се зафатени.