Денеска, утре и задутре, од 6 до 16 часот, сообраќајот кон градските гробишта во Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), сите возила ќе се упатуваат по улицата Александар Урдаревски, во продолжение по локалниот пат за селото Мирковци до влезот за гробиштата, потоа на улицата Боца Иванова и ќе излегуваат кон улицата Александар Урдаревски
Верскиот празник Задушница се обележува со посета на вечните почивалишта на починатите. Не им е непознато на скопјани дека на секоја Задушница по градските сообраќајници има голем сообраќаен метеж, се создаваат долги колони од автомобили, особено по булеварот Босна и Херцеговина и улицата Бутелска во општината Бутел. Слично е и по улиците близу гробиштата во Ѓорче Петров и Камник кај Автокоманда. За да се избегнат застој и метеж во сообраќајот околу градските гробишта од денеска ќе биде воведен посебен сообраќаен режим, кој би требало да овозможи непречено одвивање на сообраќајот и што побрзо стигнување до гробиштата. Од Министерството за внатрешни работи упатуваат апел до граѓаните да ја почитуваат сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај, но и да ги почитуваат наредбите на униформираните полициски службеници.
– Поради верскиот празник Задушница, во текот на денешниот ден петок, како и во деновите од викендот 22 и 23 февруари, сабота и недела, во периодот од 6 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, каде што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони. Притоа, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека сообраќајот кон гробиштата во Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улицата Александар Урдаревски, во продолжение по локалниот пат за селото Мирковци до влезот за гробиштата, потоа на улицата Боца Иванова, а ќе излегуваат кон улицата Александар Урдаревски – информираат од МВР.
Оттаму истакнуваат дека, по потреба, сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробиштата во Ѓорче Петров, и тоа по улицата Црногорска, а на гробиштата во Камник возилата ќе се движат по улицата Јужноморавски бригади и по улицата Роман Каскалиевиќ.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и наредбите на униформираните полициски службеници, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај – нагласуваат од МВР.
Доколку не се почитуваат новопоставените сообраќајни правила, повторно ќе има заглавени автомобили, кои ќе го забават и одвивањето на јавниот автобуски превоз, кој го користат голем дел од граѓаните. Поради тоа, како што о покажале досегашните искуства, автобусите потоа многу доцнат на постојките и се поместува веќе однапред утврдениот возен ред на сите автобуски линии што сообраќаат во правец на гробиштата, а граѓаните се нервозни, затоа што не можат да стигнат до гробовите на своите блиски. Од ЈСП потврдуваат дека ќе има зголемен број автобуси кон градските гробишта.
ЈСП со дополнителни автобуси
Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираат дека во пресрет на верскиот празник Задушница ќе пуштат дополнителен број автобуси.
– Денеска (петок 21.2.2020) и в сабота (22.2.2020), на редовните линии со бројот 59, кои сообраќаат од Карпош 3 до Кучевишка Бара и гробиштата во Бутел, потоа на линијата 59А, од Ново Лисиче до гробиштата во Бутел, како и на линијата со број 59Б, од Кисела Вода до градските гробишта во Бутел, ќе сообраќаат дополнителен број автобуси. Возниот ред може да се види на веб-страницата www.jsp.com.mk – информираат од ЈСП.
Оттаму им советуваат на граѓаните за сите дополнителни информации да се јават на телефонскиот број 3173-224, во диспечерскиот центар на претпријатието.