Жители од населбата Дижонска по долги години ќе добијат нова атмосферска и фекална канализација. По барање и подолго инсистирање од општината Чаир, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ започна со градежни активности за издвојување на фекалната и атмосферската мрежа на улицата Дижонска број 7, кои претходно се слеваа во еден канализациски систем.
Градежните активности се веќе во тек и на терен се работи забрзано, за да се подобрат условите за живот на месното население од овој дел на градот. Поради градежните активности на оваа улица во населбата Чаир, коловозот е раскопан, но за неговото обновување ќе се ангажира општината. Веднаш по завршувањето на ангажманот на вработените од ЈП „Водовод и канализација“, на терен ќе излезат екипи што ќе извршат санација на улицата и ќе постават нов асфалт. Како што најавуваат надлежните, инфраструктурното уредување ќе продолжи и на другите улици од населбата Дижонска. Од Чаир сметаат дека во оваа населба повеќе од потребни се инфраструктурна интервенција и реконструкција во одредени делови.