Едно лице е повредено во невремето што го зафати Скопје, а најголема штета на покривни конструкции, покрај онаа на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, е направена во Карпош. Ова на вчерашната прес-конференција го соопшти градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој појасни дека во Карпош има најмногу штета со паднати покриви, и тоа на потегот од мостот Обединети нации до ТЦ „Сити мол“.
Но, покрај паднати покриви, од невремето проследено со силен ветер со брзина од 100 километри на час имаше откорнати повеќегодишни дрвја, а некои беа паднати врз паркирани автомобили. До јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ пристигнале вкупно 72 пријави за паднати дрвја. Ветрот искрши гранки и ролетни по високите станбени згради, а беше одронета и фасадата на објектот на МЕПСО. Од страна на граѓаните на телефонскиот број за итни повици 195 биле пријавени повеќе случаи на паднати покриви и дрвја на повеќе локации низ градов, кои ги објави ЦУК вчера. Комуналците и вработените на ЈП „Паркови и зеленило“ цела ноќ и вчера работеа на расчистување на последиците од невремето. Од општината Карпош, пак, каде што имаше најголеми штети вчера, ги повикуваа заедниците на сопственици што имаа уништени покриви или дел од покривните површини, фасади и слично, да достават соодветно барање до општината заради ублажување на последиците од штетите.
Сложена постапка за оштетен автомобил
Според она што веќе го имаат кажано од ЈП „Паркови и зеленило“, постапката за поднесување барање за добивање отштета при паднато дрво или гранка врз автомобил е во согласност со исполнување на следните услови. Се врши проверка дали предметното дрво е во надлежност на градот Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, дали за конкретното дрво има издадено решение за сеча од страна на Секторот за комунални работи на градот Скопје. На самото место за случката се повикува МВР и се врши увид со записник, а се прават и фотографии од сторената штета.