Планинарскиот дом и понатаму ќе биде сврталиште за сите планинари и рекреативци што го посетуваат врвот на планината Водно, Крстовар. Тоа и понатаму ќе биде место каде што за евтини пари ќе може да се купат чај, сок и други безалкохолни пијалаци, или едноставно планинарите и рекреативците ќе може да се одморат и да се пресоблечат во постојните реновирани соблекувални. Тој нема да се претвори во комерцијален угостителски објект, велат од ФПСМ
Планинарскиот дом на Водно со месеци заглавен во судски спор
Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ почнал да се гради во 1950 година од страна на Планинарскиот сојуз на Македонија. Домот е изграден во текот на 1955 година. Со Планинарскиот дом од 1963 година до денес управува планинарското друштво „Бистра“ Скопје. Годинава е распишан оглас на кој можеа да учествуваат со свои понуди сите планинарски клубови од Македонија, кои се регистрирани членки на ФПСМ. И, според критериумите на ФПСМ, најдобрата понуда ја има планинарското здружение „Х2О“.
Како започнаа несогласувањата
Членовите на „Бистра“ се сметаат за обесправени со тоа што по 60 години им се одзема домот што има длабока симболика и важност за нив. Сметаат дека ФПСМ планира да го претвори во угостителски објект, споредувајќи ја ситуацијата со домовите „Шест чешми“ на Средно Водно и домот на Матка.
– „Даре Џамбаз“ да остане планинарски дом, а не ресторан – апелираат од „Бистра“.
Од друга страна, голем дел, пак, од поддржувачите на „Х2О“ велат дека „се шират неосновани гласини дека ќе стане ресторан и дека се користат секакви средства за да се задржи концесијата врз домот“. Тие во моментов чекаат да потпишат договор со ФПСМ, а потоа да настапат со своите планови и замисли за домот.
– Бидејќи договорот за закуп на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно, склучен помеѓу Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ) и правното лице ДООЕЛ „Врв Водно“, Скопје, регистрирано за вршење угостителска дејност, а основано од ПСК „Бистра“ Скопје, истекуваше на 28.8.2020 година, беше распишан оглас за доделување на овој дом под закуп за нареден период од пет години. Во согласност со огласот, сите понудувачи во својата понуда имаат потврдено дека ќе го зачуваат планинарскиот дух на овој планинарски дом.
Тие тврдат дека објектот „Даре Џамбаз“, односно планинарскиот дом на врвот на Водно, и понатаму ќе биде планинарски дом, а не хотел, кафеана, ресторан.
– Домот и понатаму ќе биде сврталиште за сите планинари и рекреативци што го посетуваат врвот Водно и ќе биде место каде што за пристојни пари ќе може да се купат чај, сок и други безалкохолни пијалаци, или едноставно ќе може да се одморат и да се пресоблечат во постојните, но реновирани соблекувални. Тој нема да се претвори во комерцијален угостителски објект во кој нема пристап за планинарите и рекреативците што се редовни гости на врвот Водно. Информацијата дека наместо дом се подготвува ресторан, е лично промовирана од постојниот закупец, ПСК „Бистра“, кој преку сите медиуми шири лаги и дезинформации дека овој објект од планинарски дом ќе се пренамени во ресторан, хотел итн. Овој клуб спроведуваше и петиција на врвот Водно со подготвен текст и лажно претставување на посетителите дека ФПСМ ќе го пренаменува објектот во ресторан со прашање дали се согласуваат со пренамената на објектот во ресторан. Значи овие информации се неточни, односно дезинформации, и се шират од клубот и членовите на клубот преку сите медиуми и социјални мрежи – детално ни изјавија од ФПСМ.
Изборот се одвиваше по пропишана процедура
Од ФПСМ додаваат дека на распишаниот оглас со свои понуди можеа да учествуваат сите планинарски клубови од Македонија што се регистрирани членки на ФПСМ. Како што и учествуваше со своја понуда и ПСК „Бистра“.
– Како критериуми за избор на најповолна понуда беа утврдени, висина на понудената месечна закупнина со 60 бода и висина на вложени инвестиции за првите две години со 40 бода. На оваа постапка најповолна понуда, и во поглед на висина на понудената месечна закупнина и во поглед на вложени инвестиции, беше дадена од ПСК „Х2О“ Скопје. Понудата на досегашниот корисник на домот, ПСК „Бистра“ Скопје, беше второпласирана. Во согласност со одлуката за избор на најповолна понуда, во делот на правната поука беше укажано дека незадоволните учесници во постапката имаат право да извршат детален увид на документацијата и да добијат препис. Правен тим од ПСК „Бистра“ направи увид и доби копија од сите документи. По ова доставија жалба, која од страна на Претседателството беше разгледана и од Собранието на ФПСМ како највисок орган што требаше да се произнесе по жалбата, односно до сите клубови членки на федерацијата е доставена хронологија на постапката, одлуката за избор на најповолна постапка и жалбата од ПСК „Бистра“ Скопје со повеќе фотографии од кои може да се види дека домот тековно подолго време не се одржувал, по што поради неможност да се одржи седница на Собранието во живо (поради пандемијата на ковид-19) клубовите гласаа електронски и мнозинство клубови гласаа жалбата на ПСК „Бистра“ Скопје да се одбие како неоснована – ни изјави Живко Темелкоски.
Кои се забелешките на постојниот закупец ПСК „Бистра“
Забелешките на ПСК „Бистра“ се дека одлуката е незаконита бидејќи не била потпишана од овластено лице, дека Претседателството на ФПСМ сторило повреда на уставното начело на двостепеност, дека постоел судир на интереси помеѓу понудувачот ПСК „Бистра“ и претседателот на Комисијата за доделување на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ под закуп, дека имало фалсификување потписи на членовите на комисијата и други слични неиздржани жалбени наводи.
– По жалбата се произнесе Собранието и со мнозинство гласови жалбата беше одбиена како неоснована. Бидејќи постапката е законито спроведена и секогаш имало мнозинство гласови, како при донесувањето на одлуката за избор на најповолна понуда (само еден член беше воздржан), како при произнесувањето по жалбата (кога сите членови гласаа за), така и при гласањето од Собранието како највисок орган, нема простор за договор и дијалог бидејќи тогаш другата страна што била избрана за најповолен понудувач има право да поведе одредена постапка против ФПСМ – изјави Живко Темелкоски.
Бидејќи постапката е завршена со одлуката на Собранието на ФПСМ, како највисок орган во федерацијата со кое жалбата на ПСК „Бистра“ Скопје се одбива како неоснована, оваа одлука е конечна. Против оваа одлука може да се поведе управен спор со тужба.
– ПСК „Бистра“ во повеќе писма нѐ известува дека имаат поведено управен спор со тужба и дека со тужбата побарале од судот да изрече и привремена мерка, забрана за иселување до конечноста на судската постапка. Меѓутоа подолго време никако да ја добиеме таа тужба од судот, а уште помалку да добиеме решение дека е изречена привремена мерка забрана за иселување. ПСК „Бистра“ писмено е известен дека комисиски треба да го предаде објектот, меѓутоа од нивна страна има негодување, се повикуваат на состојбата со пандемијата, не можат да се помират со состојбата дека ќе останат без домот и преку медиуми и социјални мрежи изнесуваат лаги и невистини и го одложуваат предавањето на објектот – нагласува Темелкоски.
Планинарите со забелешки дека тековниот спор не е алиби за да не се одржува планинарскиот дом
Во согласност со договорот со правното лице основано од ПСК „Бистра“, закупецот треба да се грижи за тековното одржување на домот и тие трошоци се на товар на закупецот.
– По извршен увид во внатрешните простории на домот, како и во надворешните работи околу домот, како клупи, маси, капаци на прозорците на домот, од страна на Комисијата за планинарски домови, која во согласност со договорот е овластена да ја утврдува реализацијата на договорот во смисла на контролирање на начинот на управување и користење на планинарскиот дом во согласност со одредбите на договорот и доставените фотографии од неа, се гледаше дека домот тековно не се одржува и со него недомаќински се стопанисува што преставува и основа за раскинување на постојниот договор, како и можна забрана на ПСК „Бистра“ да учествува на огласот со своја понуда. Значи домот во последните години тековно не се одржува, услугата не е на потребното ниво, нема вработено лице што издава фискални сметки, туку тоа го прави член на клубот, што е спротивно на законските прописи. За состојбата со домот и услугата што таму се дава, како и за состојбата со хигиената, постојано пристигнуваат забелешки и укажувања во федерацијата, како од членови од клубот така и од посетителите што не се воздржуваат да го споделат ова и на социјалните мрежи.
Домот мора тековно да се одржува, да се инвестира во него, постојано да се следат барањата на посетителите и да биде пријатно катче за посетителите – категоричен е Темелкоски.
Додава дека новиот концесионер, освен понудената месечна закупнина што треба да ја уплатува секој месец, треба да постапи и во согласност со доставениот проект, со кој се обврзува во рок од две години од потпишувањето на договорот сукцесивно да изврши санација, реконструкција, адаптација и ревитализација на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Изведените инвестициски работи остануваат како трајна вредност во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ и сопственост на закуподавачот.
– Доколку во тој рок закупецот не го инвестира тоа што го понудил во понудата, тоа е основа за раскинување на договорот. Овие денови е добиена тужба од Управниот суд со предлог за привремена мерка доставена до судот од тужителот ПСК „Бистра“ Скопје, против која ќе треба да доставиме соодветен одговор на тужба – нѐ информира Живко Темелкоски.