Кому му пречат спомениците од Народноослободителната борба и од каков профил се оние луѓе што постојано ги вандализираат, млади неодговорни или возрасни и несовесни. Последните настани што се случија по големиот празник 11 Октомври, кога беа вандализирани спомениците на македонската партизанка и учесничка во НОБ, Вера Циривири-Трена, во истоименото училиште во Карпош 2 и Споменикот на децата бегалци во паркот „Жена-борец“, ги вознемирија граѓаните, но и членовите од Сојузот на борците на Македонија. За настанот во училиштето, општината Карпош информира преку својот фејсбук-профил, каде што напиша дека во временски период од само неколку дена, неколкупати се уништува спомен-обележјето на Вера Циривири-Трена. Некои од граѓаните советуваа да се постават камери за да се заштитат спомениците. Заштитата на спомениците е сериозно прашање, кое што поскоро надлежните треба да го разгледаат.
– Во период од неколку дена, двапати насилно се уништува спомен-обележјето на Вера Циривири-Трена, во истоименото училиште во Карпош 2. Пријавено е до МВР и до крим-техника. Овие вандалски чинови стануваат секојдневие и бараме итни санкции за сторителите. Откако претходно бевме соочени со свесно уништување на урбаната опрема (реквизити на детски игралишта, клупи, канти, столпчиња), сега се уништуваат и бистите по основните училишта. Општината во повеќе наврати има испратено и пријави до ПС Карпош – пишува во објавата од 12 октомври на фејсбук-страницата на општината Карпош.
Граѓани коментираат дека не може власта да дозволува секојдневно уништување на спомениците и на друг вид државен имот, а никој да не сноси одговорност за тоа. Од непознати сторители беше искршена и таблата на Споменикот на децата бегалци во паркот „Жена-борец“, поставен веднаш спроти македонското собрание. Вандалскиот чин бил пријавен токму на 11 Октомври годинава, пет минути по полноќ. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Скопје, од каде што се преземени мерки за расчистување на случајот. Споменикот е подигнат уште во 1988 година. Откриен е на 30 јуни, денот кога во Скопје се одржа првата светска средба на децата бегалци, а плочата ги прикажуваше жртвите од Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
И не само што се кршат, спомениците во многу градови во земјава честопати се шараат, се уништуваат и се крадат бисти на познати борци од НОБ. За жал, многу од сторителите поминуваат неказнето. На прашањето за тоа како да се заштитат спомениците можеби надлежните треба посериозно да му пристапат. Од некаде мора да се тргне, а општината Карпош неодамна почна со чистење на спомен-обележјата на борците од НОБ и покажа дека треба да се негува споменот на борците, кои го дале животот за слободата што сега сите ја уживаме.
Реакција на Сојузот на борците
Да се откријат сторителите
Сојузот на борците на Македонија излезе со реакција во врска со уништувањето на спомениците и спомен-обележјата од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. Од надлежните органи на државата бара да ги откријат сторителите, а посебно да ги утврдат мотивите за сторените дела со оглед дека спомен-обележјата на настани и личности од НОАВМ се културно-историско наследство на Македонија. Бараат спомениците да бидат заштитени, а уништените да бидат обновени. Борците ги поздравуваат граѓаните што го осудија нецивилизациското и вандалско однесување спрема спомениците од НОБ.
– Вандализам, материјализам или идеологија или од други побуди се уништуваат спомен-обележјата на настани и личности од НОВ. Во демократска Република Северна Македонија се случува вандализам спрема спомен-обележјата на погинати, кои го дадоа животот за денешнава слобода. Ако тие со нивната храброст, со својата младост загинаа во борбата и беа убиени од фашистичкиот окупатор, денешниве рушители се нови злосторници и тие треба да се прогласат за втори убијци. Сојузот на борците остро ги осудува нивните постапки, кои по содржина и метод се антидржавни, антинационални, нецивилизациски и фашистички без сфаќање дека спомениците на настанатите и личностите од НОБ се културно-историско наследство на Македонија – се вели во реакцијата.
Борците сметаат дека најновиот случај на кршењето на бистата на храбрата, патриотка и борец Вера Циривири-Трена непосредно пред 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ за ослободување, не е случајно. Не се случајни ниту уништувањето на бистите на борците во Градскиот парк, бистите на Коле Неделковски во истоименото училиште, на Владо Тасевски, на Дане Крапчев во Карпош. Во својата реакција, борците велат дека не е случајно ниту крадењето бисти на народните херои на градските гробишта во Бутел, потоа сквернавењето на спомен-обележјето на формирањето на Првиот скопски партизански одред, кршењето на плочата на 16-та македонска народноослободителна бригада во селото Кучевиште.