Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, во соработка со здружението „Сите сити“, потпиша меморандум за соработка наречен „Храна не се фрла“. Целта на оваа соработка е намалување на фрлањето храна на територија на градот Скопје, но и насочување на спасената храна од бизнис-субјектите кон социјално загрозените граѓани. Во Македонија големи количества храна завршуваат во отпад, а голем дел од неа е употреблива храна, која може да се користи за оние на кои најмногу им е потребна.
– На годишно ниво на депониите завршуваат над 5.000 тони употреблива храна, количество што е доволно за секојдневно да се прехранат дури 13.000 луѓе. Моја лична определба е дека храната никогаш не смее да се фрла и се надевам дека наскоро ќе се најде институционален начин како да се намали овој голем социјален проблем со кој се соочуваат многу наши сограѓани – вели директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
Со потпишувањето на овој меморандум за соработка, двете страни се обврзани заеднички да имплементираат активности за подигнување на јавната свест за важноста на нефрлањето храна и наоѓањето законска рамка како вишокот храна да стигне до оние на кои им е најпотребна – на гладните и сиромашните.