ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, ФИЛИП ТЕМЕЛКОВСКИ

Оваа година и покрај пандемијата, непречено работевме во интерес на граѓаните. Како и сите други институции работевме ротациски, со намален број административци. Но во ниеден момент не застанавме со реализацијата на проектите од мојата предизборна програма, вели Темелковски

Истакнувајќи повеќе реализирани проекти, првиот човек на Кисела Вода, Филип Темелковски, вели дека пандемијата не успеала да ги спречи реализирањето и остварувањето на предвидените проекти. За 2020 година тој вели дека била година на многу реализирани проекти, а за наредната година вели дека фокусот ќе биде на изградбата на зелени површини, на подобрување на условите во училиштата и во градинките.

Како ќе ја оцените изминатава година како градоначалник?
– Оваа година и покрај пандемијата, непречено работевме во интерес на граѓаните. Како и сите други институции работевме ротациски, со намален број административци. Но во ниеден момент не застанавме со реализацијата на проектите од мојата предизборна програма. Дури реализиравме и проекти што ги немавме во програмата, туку ги имавме дадено само како усни ветувања до граѓаните. Имавме година со многу реализирани проекти.

Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
– Од досега реализираните проекти не можам да издвојам кој ни е најголем, затоа што сите проекти за нашите жители имаат големина. Кога веќе ме прашувате, ќе издвојам неколку од многуте реализирани проекти во 2020 година.
Видно ги подобривме условите за престој на нашите најмили во градинките. Во урбаната заедница Цветан Димов, со грант-средства од 4,7 милиони денари од Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, во објектот „Мимоза“, кој е во состав на ЈДГ „Весели цветови“, извршивме енергетска обнова. Целосно реновиравме и еден од најзапуштените објекти на ЈДГ „8 Март“. Со поддршка од Владата и од општествено одговорната компанија „Цементарница УСЈЕ“, во објектот/градинката „Расадник“ на ЈДГ „8 Март“, се поставени нови прозорци и надворешни врати, поставена е и нова фасада со термичка изолација. Во градинката „Расадник“ целосно обновивме седум бањи/тоалети. Со поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во селото Драчево ја завршивме изградбата на Домот на културата, во кој ќе се организираат културни и забавни манифестации, ќе се одржуваат театарски претстави, саеми на книгата, промоции на книги, изложби на уметнички дела и друго. Покрај овие големи придобивки, во домот е сместена и канцеларијата на месната самоуправа, а во иднина таму е планирано да има и канцеларија на Управата за водење матични книги. Изградбата на Домот на културата нѐ чинеше 40 милиони денари. Преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светската банка, во Пинтија изградивме нови улици и атмосферска канализација. За реконструкциите во Пинтија, од општинскиот буџет одвоивме 20.127.226 денари. Го саниравме свлечиштето на патот што води кон населеното место Теферич. Оштетениот дел на патот во должина од 200 метри го асфалтиравме, а на истиот тој поставивме и решетки за одвод на атмосферските води. Ја реконструиравме улицата Марко Орешковиќ, лоцирана во урбаната заедница Кисела Вода, во должина од 1.500 метри и ширина од 4,5 метри. Во селото Драчево целосно го реконструиравме и го осветливме патот што води до познатото излетничко место Три Круши.

Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
Најголема желба од сѐ ми е доброто здравје на граѓаните и побрзо справување со пандемијата. Верувам дека наскоро ќе продолжиме да живееме нормално, без рестрикции. Имам уште една многу голема желба, а таа е реализација на уште многу проекти. До крајот на мојот мандат, кој истекува следната година, ќе вложам максимални напори да направам сѐ, сите жители на општината да имаат подобри услови за живеење, да се чувствуваат удобно во нивните населени места.

Што ќе посакате за вас и општината за 2021 година?
– За себе, за мојата фамилија и за сите граѓани, во 2021 година посакувам најдобро здравје. За општината што ја водам посакувам да продолжи да се развива, посакувам да продолжи да расте интересот кај граѓаните за живеење во Општина Кисела Вода.

На што ќе се фокусирате во 2021 година?
– Следната година ќе продолжиме да создаваме уште подобри услови во училиштата и во градинките, ќе правиме и нови детски игралишта и зелени паркови. Ќе продолжиме да водиме грижа за пензионерите, старите и немоќните лица. Ќе создаваме подобра инфраструктура. Во 2021 година, во населбата Драчево ќе пуштиме во употреба новоизградена модерна детска градинка. Градинката на површина од 600 квадратни метри ја градиме со поддршка од централната власт, со кредит од Светската банка.

Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
– Во 2021 година посакувам сите граѓани во текот на целата година да имаат денови исполнети со среќни мигови, најважно од сѐ, да имаат меѓусебно разбирање, многу здравје и љубов. Во остварувањето на убавите моменти за граѓаните ветувам дека Општина Кисела Вода и следната година повторно ќе прави сѐ за подобар и поквалитетен живот.

[email protected]