Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје во рамките на ИСО 17025 на почетокот на месец мај 2021 со последната надзорна посета на Институтот за Акредитација на РСМ направи проширување во методите за тестирање. Со тоа се зголеми бројот на акредитирани методи во делот на хемиските лаборатории во рамките на методата јонска хроматографија, анализа на земноалкални и алкални метали, алкалитет и дел од тешките метали со што се овозможува подетално утврдување на квалитетот на испитуваните примероци.
Проширувањето на методите во рамки на ИСО 17025, потврдено од ИАРСМ, создаде можности и услови покрај водоводите во земјата, контролата на своите производи да ја вршат и сите производители на пакувани минерални води во акредитираните лаборатории кои се дел од Секторот за санитарна контрола.
– Досега, со цел да одговорат на барањата на Агенција за храна и ветеринарство на РСМ, согласно Закон, производителите на пакувани води анализите ги правеа во лаборатории акредитирани во соседните земји, Србија и Грција. Отсега, со проширувањето на методите за тестирање, за прв пат во нашата земја сите водоводи и производители на пакувани и минерални води ќе го испитуваат квалитетот на своите производи во акредитираните лаборатории на ЈП Водоводи и канализација – Скопје. Испитувањата ќе се изведуваат со најсовремена опрема, преку склучување на годишни договори за соработка – посочи Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола.
Контролата организирана на овој начин придонесува за исполнување на законските норми кои се предвидени во рамките на Законот за безбедност на храна 64/18, како и Правилниците за безбедност на водата за пиење бр. 183/18 и на Правилникот за пакувани и минерални води бр.184/18.
– Со оваа активност покажавме дека сме функционална лабораторија која го одржува ИСО 17025 на високо ниво со тенденција за негово постојано унапредување и можност за анализа на примероци од вода за пиење, површинска вода, сите видови на отпадна вода како и пакувана минерална вода во областа на хемијата и микробиологијата согласно законските рамки на сите споменати видови. Исто така стоиме на располагање на државните органи и институции да ги ставиме во функција сите потенцијали за поквалитетен надзор и споведување на Законот во областа на водите како и соодветните Директиви на советот на ЕУ кои се на сила или ќе се спроведуваат во периодот што доаѓа – додаде Петровска.